(ВИДЕО) Интервју со Миле Андонов: Во недела стартуваме со резултат 0:0

Од:

Како се вашите ставови и размислувања за изборниот процес пред и по завршувањето на првиот изборен круг?

Првичната слика која можеше да се види и од страна на гласачкото тело е дека овие избори се одржаа во една фасадна форма. Навидум беа демократски, фер и мирни, барем така ги оценија локалните и централните власти не само во Кочани туку и во цела Македонија. Но, тие ниту од далеку не ги исполнија критериумите за да бидат фер, демократски и слободни. Како доказ за ова би го зел примерот дека најмалку 500 лица од Кочани ги немаше во избирачкиот список, иако тие поседуваа биометриски лични карти и биометриски патни исправи. Интересно е што овие лица ги имаше на избирачкиот список во 2011 година. На денот на изборите побаравме од Општинската изборна комисија и од Министерството за внатрешни работи да изнајде начин и форма како овие лица да го остварат своето право на глас, но наидовме на „ѕид“, односно ни беше одговорено дека овие лица ќе бидат иземени и нема да имаат можност да го остварат своето загарантирано уставно право. Ова не беше случај само со Кочани, така беше во цела Македонија. Овој проблем беше разгледуван и од страна на Државната изборна комисија непосредно по завршувањето на првиот изборен круг.

Изборниот закон во повеќе случаи беше прекршен и од страна на оние што во најголема мера треба да го почитуваат и да го спроведуваат. Министрите од сите ресори во кампањата речиси и секој ден да беа присутни во Кочани, отвораа или започнуваа нови објекти, а сево ова е законски забрането во текот на кампањата.

Дали во првиот круг, на денот на гласањето, од ваша страна беа детектирани кршења на изборниот законик?

Во село Оризари и месноста 14-та бригада, беа пронајдени празни избирачки ливчиња, едно за Советот на општината и едно за градоначалник. Ливчињата се пронајдени зад параваните, што асоцира на познатиот „бугарски воз“, кој секогаш е проследен со уцени и поткупувања на гласачите.

Исто така, на денот на изборите целокупната работа на полицијата во Кочани беше препуштена на две лица чии што сопруги се наоѓаа на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Овие лица издаваа наредби и командуваа со сите вработени во СВР- Кочани.

Во првиот круг вашиот противкандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ оствари подобар резултат, што изразено во гласови изнесува 11.295 гласа за Ратко Димитровски од ВМРО- ДПМНЕ, наспроти вашите 10.630 гласа. Дали сметате дека со кампањата меѓу двата изборни круга успеавте да ја анулирате оваа разлика?

Ваквиот изборен резултат беше очекуван за нас. Според излезеноста ,која изнесуваше 72% од целокупното избирачко тело, ние знаевме дека разликата ќе биде тесна и ќе има втор круг. По првиот изборен круг направивме детална анализа и увидовме каде е направена разликата од 667 гласа во корист на Димитровски. Разликата сега е нула, бидејќи во вториот круг стартуваме со резултата 0 : 0. Знаеме дека и конечниот резултат, исто така, ќе биде тесен, но на граѓаните останува да одлучат дали оние +500 гласа ќе бидат во моја корист или во корист на противкандидатот.

Дали имате утврдено приоритетни проекти, кои ќе ги реализирате доколку во недела победите?

Нашите приоритетни проекти се: изградба на нови индустриски капацитети во плодната кочанска котлина, кои ќе бидат наменети за обработка, откуп и дистрибуција, како и искористување на веќе постојните капацитети, а со цел да се отворат што е можно поголем број на нови работни места; искористување на термалните води за отворање на нов бањско-рекреативен спа центар, за што веќе имаме изготвено и студија, а би се реализирал по пат на јавно-приватно партнерство; примена на најразлични мерки кои се во надлежност на локалната самоуправа, а со кои ќе успееме да ги привлечеме бизнисмените и странските инвеститори да инвестираат токму во Кочани.

Дали сметате дека на 7 април по 19 часот ќе славите победа?

Апсолутно! Како што кажав, ние во недела стартуваме со резултат 0:0. Малата разлика во корист на мојот противкандидат ја сметаме за анулирана. Нашата предност е во тоа што меѓу двата изборни круга власта претера со закани, уцени и заплашување на граѓаните. Граѓаните на Кочани, на 7 април ќе знаат да го казнат овој режим. Верувам дека во недела кочанчани ќе го заокружат бројот 42 зад кој стои моето име.

Би можело да ве интересира

Левичарските партии во Франција заедно излегуваат на избори против Макрон и Ле Пен

Макрон го распушти собранието и распиша избори за 30 јуни

A1on

Борисов со убедливо водство на изборите во Бугарија

A1on

„Галуп“ предвидува победа на ГЕРБ на изборите во Бугарија

A1on

Првична поекција на изборните резултати за Европскиот парламент: Либералите и Зелените во минус

A1on

Во Словачка се отворени избирачките места за изборите за Европскиот парламент