Денеска и средношколците од Охрид излегоа на протест против лошите реформи во образованието.
– Втор пат излегуваме на улица, да го искажеме нашиот револт, не само поради лошите реформи, туку и поради односот на нашиот министер за образование, чиј што приоритет треба да биде образованието, а сите сме сведоци дека тоа не е така. Затоа јавно се обраќаме до МОН и инсистираме на средба со претставници од Средношколскиот пленум за барањата што ги доставивме.
Долго време сме игнорирани и нема да дозволиме тоа и во иднина да се случува. Не бараме ништо комплицирано – само една обична средба, велат од Средношколскиот пленум од Охрид.
Тие сметаат дека треба да се најде решение кое ќе го прифати и МОН, но и средношколците.
Средношколците од Охрид апелираат за поддршка до сите што се согласуваат со нивните барања.
– Овие реформи не важат само за нас, туку за сите кои директно или индиректно се вклучени во образовниот систем, велат од Средношколскиот пленум од Охрид.