ВИДЕО: Група студенти кои аплицирале за работа во Германија изманипулирани од страна на агенцијата

Од:

Група студенти кои преку Агенцијата за вработување во странство „Венера Кемаловски“ аплицирале за работа во Германија, за А1он велат дека се измамени од страна на агенцијата бидејќи не им била обезбедена ветената работа за која студентите претходно потпишале договор и уплатиле одредена сума на пари.

Сумата која повеќе од 150 студенти ја уплатиле на сметка на агенцијата била поделена на две рати по 250 евра или вкупно 500 евра, пари кои дел од студентите не ги добиле назад откако пропаднал договорот за работа во странство.
Како што велат револтираните студенти, агенцијата не работела организирано и била сомнителна уште од самиот почеток. Сумата од 500 евра за пат и сместување ја уплатиле само на оние кои се пријавиле од филијалата во Скопје, додека во останатите филијали на агенцијата во другите градови, на апликантите им било кажано дека треба да ја уплатат сумата откако ќе пристигнат дозволите за работа.

Еден дел од измамените студенти требало да започнат со работа на 15 јуни, а друг на 1 јули, тие неколку пати стапиле во контакт со вработените од агенцијата за да се информираат за причината поради која се уште немаат добиено работни дозволи. Од таму добиле одговор дека проблемот не е кај нив туку кај ЦАФ, германска институција која е задолжена за издавање на работни дозволи.

-Цело време ни се кажуваше, утре, до петок, до наредната недела, до први, цело време ни ветуваа, но дозволи нема. До сега стигнале само 8 дозволи од повеќе од 150 апликанти, на тие кои што им стигнаа им беше кажано дека не може да почнат со работа бидејќи се чекаат да стигнат сите дозволи, за сите студенти одеднаш да почнат со работа, вели Иван Макров еден од студентите кои аплицирале за работа во компанијата „Зара“ во Германија.

Револтот кај студентите започнал пред една недела кога студентите интензивно се обидувале да стапат во контакт со директорот на агенцијата, Емран Кемаловски, кој не им одговорал на нивните повици, и ги блокирал оние кои се обиделе да го контактираат преку социјалните мрежи. Од агенцијата добиле одговор дека директорот Кемаловски е на пат, но некој од измамените студенти го забележал во еден од скопските молови.

По притисокот кој студентите го вршеле врз агенцијата со цел да им бидат вратени парите, на дел од нив им било кажано дека денеска во агенцијата ќе можат да ја подигнат сумата која ја дале, но кога пристигнале пред агенцијата наишле на затворена врата и лист на кој пишува дека вработените се на колективен одмор.

-Оставиле службени мејлови за контакт, но не враќаат на нашите пораки. Има студенти кои напуштија работа, кои имаат фамилии и сега се моментално во дупка и во ситуација кога нема што да се прават, вели Макров.

Покрај студентите кои се собраа да го изразат својот револт поради измамата, пред агенцијата се најдоа и родители чии деца веќе заминале на работа во Германија преку агенцијата „Венера Кемаловски“, но, по првата недела биле избркани од страна на работодавачите со причина дека има премногу вработени во фирмите.

-Вчера се слушнавме со син ми и ми кажа дека добил отказ, наводно имале вишок работна сила. Се обратиле и до агенцијава од каде им кажале дека нема шанси да ги вратат назад, туку да чекаат таму и дека сигурно ќе добијат работа. Меѓутоа во време кога агенцијата треба да работи, тие се на колективен одмор, немаме никаква информација, на телефоните кои се оставени не одговараат, веројатно се работи за некаква измама, рече Ѓорги Мешков, родител на студент кој заминал на работа во Германија.

Мешков вели дека доколку стварно се работи за измама, тој, заедно со останатите родители ќе поднесат кривична пријава против агенцијата.

А1он стапи во контакт со директорот Емран Кемаловски, кој пак спротивно на обвиненијата на студентите тврди дека парите им биле вратени на сите студенти, и дека се работи за некаква манипулација од нивна страна.
Во врска со избрканите студенти кои веќе се во Германија , Кемаловски вели дека на нив не им е битно да сработат, туку да наштетат.

-Студентите биле избркани поради тоа што не се снашле доволно добро и за тоа агенцијата воопшто не е виновна, но ние ќе се обидеме да им најдеме нова работа на оние кои добиле откази, вели за А1он, Емран Кемаловски.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов