Поранешниот премиер Никола Груевски пред очите на цела јавност во интервјуто за Сител се обиде да убеди дека тој уште од првиот момент бил за избори. Меѓутоа, фактите го говорат спротивното. Додека опозицијата инсистираше и бараше избори, Груевски одречно одбиваше, дури и тврдеше дека такво нешто нема да се случи.
-Минатата година тие беа тие кои што побараа избори, ние бевме тие кои што веднаш се согласивме за избори, дури после инсистиравме да не се заборават тие избори, да влезат во договорот, така што заеднички потпишавме сите четири политички партии со сведоштво на претставници на европската заедница во кои што крајната цел за излез од политичката криза беше предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година, вели Груевски.
Колку за потсетување, еве што говореше Груевски долго време по барањето на опозицијата да има избори.
-Еве, за да им ги скратиме маките им кажувам, не се секирајте, нема избори, нема потреба да се плашите, барем не до толку. Нема избори, но ќе има одговор. Сериозен одговор. Е тоа не им бега. Ова е нашиот одговор до СДСM, силата на ВМРО –ДПМНЕ е во народот, кој не поддржува, рече Груевски на партискиот собир во салата Борис Трајковски на 15 март минатата година.
Груевски со неговата изјава во улога на партиски лидер за Офицерскиот дом во Битола и јасно го претстави проблемот со партизацијата на македонското општество и нераздвоеноста на партијата и државата.
– Државните институции предводени од ВМРО-ДПМНЕ тргнаа со една идеја која што гледаме дека во изминатите денови граѓаните на Битола во мнозинство не ја поддржуваат. Го следевме тој процес и имавме меѓусебна комуникација. Размисливме и одлучивме од понеделник да се стопира тој процес. Сигурно има некоја работа која нам не ни е докрај јасна, штом толку многу граѓани на Битола реагираат и ние треба да го почитуваме тоа, рече Груевски.
Александар Тодески