Моментот во кој се наоѓа државата е критичен и граѓанското општество треба активно, на различни начини да се вклучи во решавањето на проблемите, особено со бегалците кои станаа сериозно политичко прашање, беше речено на денешната тркалезна маса, “Улогата на граѓанското општество во денешен контекст“. Еден од најголемите предизвици, што веќе има политички последици, е бегалската криза.
– Граѓанското општество треба сериозно да се вклучи во различните аспекти на бегалската криза. На тој план се преземаат стратешки и политички одлуки за Македонија за кои ние не сме свесни. Една од претпоставките и мој личен и професионален страв е дека мигрантската криза и несреќата и неможноста, недостатокот на политичката волја и ксенофобијата, и неспособноста да се решаваат тие прашања, може, како и досега, во овој наш простор, да биде препакувана и искористена за бетонирање на диктатурата. Заради тоа, прашањето, покрај заштитата на универзалните човекови права, кои исто така се наша одговорност, но наша политичка одговорност е да се прашаме – можеме ли ние тука нешто да спречиме. Но во мешувреме се направи еден голем исчекор од етничките агенди, за да дојдеме на полето на социјалните прашања и на општите слободи. Со оглед на кризата, треба да си дефинираме подолгорочни и пократкорочни цели за да обезбедиме враќање на јавниот простор. Ние имаме право да бидеме информирани, рече Славица Инџевска, програмски директор во Фондација Отворено општество – Македонија.
Според Мерсиха Смаиловиќ, од невладината „Легис“, бегалците станаа важно политичко прашање, а активистите се и понатаму игнорирани, ксенофобијата се шири преку медиумите и се создава страв кај луѓето.
– Пред две недели станавме свесни, дека бегалците се политичко прашање, кога еврокомесарот, прва порака што ни ја упати беше бегалската криза, како некој жежок костен кој некој треба да го преземе и држи во раката. Се работи за една хуманитарна катастрофа, но она што секојдневно го гледаме, работејќи со бегалците уште од 2014 година, е целосно игнорирање на граѓанскиот цектор. Никогаш не знаерме кога ќе се затвори границата и тоа стана толку нормална работа , сепак Европа кога ги затвора тоа го најавува. А овде се гради огрмона разорна жица и се молчи за тоа, рече Смаиловиќ.
– Бегалската криза ја прифатија и управуваа како што најдобро знаат граѓанските организации, кога влегоа институциите, прашање е како ќе заврши сето тоа, бидејќи кај нас нема институции, ние гледаме дека целата таа приказан се конструира некаде во Брисел или некаде на друго место и тука само се испорачуваат приказни на овие наши политички партии кои ги запоседнале институциите, кои и онака се девастирани. Затоа многу се сомневам дека тие ќе знаат што да прават, рече Зоран Бојаровски, новинар.
Тој го критикуваше невладиниот сектор за послабата актвност откако политичките партии по големите протести во мај, влегоа во процесот на Пржинските преговори и рече дека многу тешко ќе се спроведат медиумските реформи без активно учество на граѓанскиот сектор.
Марјан Збрчанец одговори дека е нормално што кога се влегло во преговори да се намали интензитетот на граѓанските активности, но дека дел од организациите веќе се консолидирале и дејствуваат.
– Зошто ја спомнувам Катица Јанева и нејзината денешна прес конференција, бидејќи дел од тој активизам, од тоа движење за време на мајските настани, вклучувајќи ја и колаицијата Граѓаните за Македонија, меѓу другото за цел имаше ослободување на државните институции, формирање на специјално јавно обвинителство, кое, еве денеска гледаме дека почнува да дејствува со првични резултати, рече Забрчанец.
Според Петрит Сарачини, до превремените парламентарни избори, за неколку месеци нема доволно време за суштински реформи во медиумите со кои ќе се создаде вистински демократски амбиент.
– Што треба да се направи? Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни услуги да се деполитизира, односно да се департизира. За жал, решенијата што се нудат не одат во таа насока. Повеќе сде оди кон поделба на сферите на интерес, отколку кон вистинска независт на регулаторите, рече Сарачини
Тој е против ставањето на здружение на пропангадисти, како што рече, возаконите. Ни треба вистински независен регулатор и вистински независна МРТВ.
Покрај бегалската криза, спроведувањето на Пржинскиот договор, реформата на медиумската сцена, предвремените парламентарни избори кои опозицијата најави дека ќе ги бојкотира, продукцијата на меѓуетнички тензии од страна на дел од медиумите, младите се иселуваат, загадениот воздух се другите предизвиците со кои се соочува земјата, беше речено на тркалезната маса, а граѓанскиот сектор, наспроти глувите и слепи институции, мора уште поинтензивно да занимава со овие проблеми, да се децентрализира и да се приближи кон граѓаните, беше заклучено на тркалезната маса, организирана во рамки на акцијата „Да разговараме“ од Школата за активно граѓанство на Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, а поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
А.Б.