Новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски, во изборната кампања на бутелчани им ветуваше дека ако биде избран, во првиот месец од градоначалникувањето ќе се откаже од комодитетот и општинската зграда ќе ја отстапи на поликлиниката оти не личи администрацијата да биде удобно сместена, а граѓаните да немаат каде да се грижат за здравјето. Ветувањето го даде откако изгоре монтажната болница во Тетово, а во Бутел беше стопирано поставувањето на исти такви контејнери во кои треба да се смести поликлиниката. Ветувањата на градоначалникот во кампањата отидоа и до таму што во некои медиуми изјавуваше дека уште првиот ден од стапнувањето на функцијата на Министерството ќе му ја понуди општинската зграда.
Костовски официјално ја презеде функцијата на 25 минатиот месец. Четири седмици е на функцијата, но отстапувањето не се случи. Тој за „А1он“ на прашањето кога ќе ја отстапи зградата и каде ќе ја смети општината само кусо одговори „наскоро ќе добиете информации“.
За него, во изборната кампања поликлиниката беше врвен приоритет.
„Имајќи предвид дека станува збор за најгорливото прашање за бутелчани, јас заедно со мојот тим, сакајќи искрено да помогнеме, темелно размислувавме на оваа тема и ја донесовме следнава одлука: врвен приоритет ќе ни биде изградба на модерна поликлиника во нашата општина, но сè дотогаш, додека не се изгради новата поликлиника, уште во првиот месец откога ќе ја добијам вашата доверба и станам градоначалник на општина Бутел, ќе ја понудам општинската зграда да биде достојна поликлиника за моите пријатели, познаници, за моите бутелчани. Јас лично, но и мојот тим ќе се откажеме од комодитетот само за излажаните и понижени граѓани на општина Бутел да се почувствуваат достоинствено и конечно да добијат нова модерна зграда за своја поликлиника, место каде што конечно на современ начин ќе се грижат за своето, но и за здравјето на своите најмили“, вети Костовски пред да биде избран за градоначалник.
Извори за „А1он“ тврдат дека градоначалникот сè уште, официјално, не ја понудил општинската зграда на Министерството за здравство за во неа да се смести поликлиниката.
Од Министерството за здравство, пак, официјално велат дека градоначалникот на Бутел нема законска можност да одлучува каде ќе биде сместена поликлиниката.
„Здравствениот систем во Република Северна Македонија е централизиран, услугите и финасирањето се организирани и контролирани од централната власт.
Здравствените установи во државата ги формира Владата, a Министерството за здравство утврдува кои простори се најсоодветни за јавни здравствени установи. Министерствот за здравство го одбира и просторот и утврдува исполнетост на услови, согласно стандардите утврдени со Законот за здравствена заштита и соодветниот правилник“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Од таму остануваат на ставот поликлиниката во Бутел да се смети во монтажни контејнери за чие поставување во тек е ревизија по пожарот во монтажната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.
„Во тек е ревидирање на проектите за поставување на овие монтажни објекти и откако ќе завршат сите експертски анализи истите ќе продолжат со изведба. Носител на договорот е ЕМС ДОО Скопје, целиот проект за 10 амбуланти чини 178.900.000 денари“, велат од Министерството за здравство.
Поликлиниката во Бутел беше сместена во бараки изградени по земјотресот, кои беа урнати за на нивно место да се изгради нов објект. Првичниот план беше тој да биде цврста градба, но летово Министерството одлучи оваа поликлиника да биде монтажна оти побрзо ќе се изгради, ќе биде поевтина и енергетски ефикасна, наспроти очекувањата на бутелчани по повеќе од половина век да добијат објект од цврста градба, оти и претходните беа времени објекти. Контејнерите во кои ќе се смести поликлиниката се веќе поставени.
Директорот за Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, вели дека концесинерите кои работат во оваа поликлиника привремено се сместени во општински простории, додека се гради монтажниот објект.
„Според моите последни информации, тие функционираат во општински простории. Јас не сум известен за предлогот општинската зграда да биде отстапена на поликлиниката, но секако одлучувањето за просториите не е кај нас туку во надлежност на Министерството“, вели директорот Исјановски за „А1он“.
Жителите на Бутел во неколку наврати, пред да почне изградбата на монтажниот објект, организираа протести на кои бараа изградба на нова поликлиника.