Државата се уште нема слух за маките на младата кумановка, Даниела Бошковиќ, која без лекови, постојана терапија и основни услови за живот, се бори со анорексија и карцином.
Откако медиумите известија дека на Бошковиќ и е укината социјалната помош, Лекарската комисија при Министерството за труд и социјална политика се предомисли, па оцени дека и е потребна постојана парична помош и дека самохраната мајка не е работоспособна.
-До сега само директорот на Центарот за социјална работа и пратеникот Јордан Пачков не посетија. Тие донесоа неколку литри зејтин и ни рекоа дека и е одобрена постојана парична помош. Но тоа се околу 7000 денари, кои ќе ги добиеме за неколку месеци, се прашуваме што ќе правиме до тогаш-вели мајката на Бошковиќ, Јаворка Петковска.
Таа додаде дека за операцијата на вилицата која што итно мора да и се направи на нејзината ќерка не и рекле ништо, ниту пак за сметките за струјата, водата и киријата.
Според директорот на Центарот за социјални работи во Куманово, Даниел Живачки, барањето за постојана парична помош е поднесено и веројатно во следната исплата ќе биде ставено за реализација. Според него, овие пари ќе можат да се користат како почеток да се среди здравствена состојба на Бошковиќ и да се покријат трошоците за живот.
На жиро сметката и покрај ветувањето на две жени кои се јавиле, се уште не пристигнал ниту денар.
А1он нема да престане да известува за овој случај и да потсетува дека треба да итно да и се помогне, зашто оправдувања нема. Ако може да се издвојуваат пари за секакви глупости кои никому не се потребни, тогаш можат да се изнајдат начин да се помогне на оваа жена која исцрпена од болестите, остана најголема грижа да и биде дали ќе ја исклучат струјата?
Бошковиќ е самохрана мајка на две деца, на кои нема ништо да им даде да јадат. Не прима пари од никаде, па дури не добива ни алиментација, а со укината социјална помош е веќе неколку месеци. Живее во изнајмен стан со нејзината мајка, која исто нема никакви примања.
Елена Георгиевска