„Квалитетот на лековите и нивната достапност беа огромен проблем кој сега е веќе минато. Од 1 октомври, годинава ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава и со оваа мерка го решивме деценискиот проблем со недостатокот на лекови. Ги нема повеќе долгите редици во аптеките, граѓните повеќе не се грижат дека ќе останат без терапија, бидејќи, таа им е достапна во секоја аптека, во било кој ден од месецот“, изјави министерот Филипче и додаде дека за две години, воведени се пет, односно 6 нови лекови за ретки болести, а за пациентите со дијабетес набавени се три нови типа исклучително високо-квалитетен и сертифициран инсулин.
Воведена е иновативна биолошка терапија за пациентите со малигни заболувања, карцином на белите дробови, ГИТ, меланом на кожа, како и биолошки лекови за прво и второлиниска терапија за сите жени на кои што им е потребно лекување од карцином на дојка. Се набавуваат 8 нови дигитални мамографи, воведено е задолжително двојно читање на момографските снимки, бесплатни ортопедски градници и психолошка поддршка за пациентките со рак на дојка.
„За една од најголемите придобивки го сметам укинувањето на скандалозниот закон за прекин на несакана бременост, донесен од претходната власт. Со новиот закон ја ставаме вољата на жената на прво место, која има потполно право на избор и безбеден прекин на бременоста“, потенцираше министерот Филипче.
Во насока на унапредување и зајакнување на јавното здравје, годинава, се воведоа и две нови вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус, кои се чести во детската возраст особено кај децата кои посетуваат градинки.
„Нашата земја имаше највисока стапка на смртност кај новороденчиња во цела Европа. Многу сериозно пристапивме кон ова прашање и превземавме низа мерки: инвестиции во опрема, во инфраструктура, но најважно од се во луѓе за да се подигне нивото на експертиза.Со еден ваков сеопфатен пристап, кон еден исклучително комплексен проблем, успеавме двојно да ја намалиме стапката на смртност кај новороденчињата, што за нас како држава претставува огромен напредок и успех“, рече министерот Филипче.