Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и директорот на „Хабитат“ Македонија Зоран Костов, денеска потпишаа Меморандум за обновување на фасадите.
Овој проект е во рамките на ветената обврска на Жерновски од предизборието за енергетска ефикасност на Општина Центар.
На јавниот повик се пријавија 32 колективни станбени згради кои обезбедиле прелиминарна согласност за промена на прозорците и балконските врати од најмалку 70% од сопствениците.
Во првата фаза ќе се менуваат фасадите на 15 објекти. Ќе се задржи првобитниот облик на фасадите, освежен со нови бои, без притоа да се менува нивниот надворешен изглед.
Оние згради кои не влегуваат во оваа бројка, автоматски конкурираат за наредната година.
„Од буџетот на општина Центар ќе се потрошат за оваа намена 11 милиони денари. По реконструкцијата, заштедата ќе биде 1/3 од сметките за греење“, рече градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
Зоран Костов, директорот на „Хабитат“ Македонија, посочи дека со овој проект се заштедува енергија од 25 до 39%.
„Соработката со Центар особено ја цениме, бидејќи кај нив, особено кај новиот градоначалник, препознавме концепт за енергетска ефикасност.
„Ова е значајно за енергетскиот биланс на земјата. Во Македонија има 11.000 станбени згради, одамна изградена и без енергетска ефикасност. Со ваков проект може да се обезбеди инвестициски циклус од 300 до 400 милиони евра. Ќе има можност за „зелени“ работни места, што ќе значи и намалување на бројот на невработените“ , рече Зоран Костов
Во рамки на реализацијата на проектот Општина Центар самостојно презема обврска со свои средства да изврши реконструкција на фасадите на избраните станбени згради, за која цел, специјализиран изведувач избран од страна на Општина Центар, ќе постави фасада со термичка изолација на зградата согласно постоечките стандарди за енергетска ефикасност на станбените згради.