Вечерва се состанаа Централното претседателство на Движењето БЕСА и Централното собрание и согласно статутарните надлежности и обврски, дискутираа и одлучија Движењето БЕСА да стане дел од парламентарното мнозинство и дел од извршната власт.
„Иако пратениците на Движењето БЕСА и досега го помагаа мнозинството и владата во реформската агенда, ние одговоривме на барањето на Премиерот да станеме дел од извршната власт. Притоа сакаме да ги потенцираме неколку важни моменти и причини за ваквата одлука. Реформската агенда, процесот на решавање на спорот со името, отворањето на преговорите за интеграција во ЕУ и, посебно, потребната кохезија за членство во НАТО, што денес се смета највисок и најзначаен чин а земјата, а и за Албанците, се обврски кои не налагаат да бидеме на врвот на задачата на овој момент и да докажуваме на која страна сме ние денес. А ние сме за членство во НАТО и интеграција во ЕУ.
Нам ни е доверено да менаџираме со ресорот култура и ова за нас е чест и признание, бидејќи држава која во последните години беше толку бетонизирана има потреба за ослободување, катарза, и за рефлектирање на културните и духовните вредности, кои – за жал – досега беа покриени или заборавени.
Како и да е, уште еднаш потенцираме дека нашето учество во владата повеќе е стратешко отколку процентуално, а ние сме убедени дека Беса има доволно интелектуален и менаџерски капацитет да потврди дека има идеја, визија и проекти кои можат да помогнат во унапредување на културниот живот во земјата.
За името на министерот и другите детали Централното собрание го овластил Централното претседателство за да одлучи за предлозите од партиските структури“ се вели во соопштението на Движењето БЕСА.