Реформите во органите на правдата се уште не се отпочнати, единствениот чекор е иницијативата за разрешување на Јавниот Обвинител, Марко Зврлевски, изјавија од Движењето БЕСА.
„Од една страна ова покажува дека се работи во насока на враќање на правната држава, додека од друга страна постои еден голем песимизам кај граѓаните дека реформите во правосудството, толку многу најавени од страна на парламентарното мнозинство, не се ниту почнати.
Движењето БЕСА нагласува дека само неговото разрешување нема да ги реши проблемите на Јавното Обвинителство, кои се многу постари од периодот на владеење на господинот Зврлевски. Над се, Јавниот Обвинител треба да одговара најмногу за тоа што не го направил, а требаше да го направи согласно надлежностите и одговорностите кои ги имаше.
Проценките на домашните и меѓународните институции, направените анализи и студии упатуваат на констатацијата дека Јавниот Обвинител и Обвинителството се под силно влијание на политиката, како и многу други институции во државата. Освен сомневањата за работата на Јавниот Обвинител, кои се општи, има и сомневања за неговото постапување, особено за случаите кои се поврзани со Албанците. Во јавноста отворено се зборува за монтирани судски процеси, чии жртви претежно се Албанците. Овие монтирани судски случаи не почнале со Марко Зврлевски. Албанците постојано се прогонувани и против нив се монтирани процеси за политички цели.
Инсистираме што побргу да се обелоденат познатите случаи како „Сопот“, „Монструм“ како и многу други случаи, и вистинските виновници да се изнесат пред лицето на правдата, без разлика на нивната етничка припадност. Мора еднаш засекогаш да заврши времето кога Албанците се дежурен кривец и лов на деформираните судски процеси кои се предводени од политичките цели на тие кои оваа држава ја сметаат како нивна сопственост.
Во овој случај, небрежноста и соработката на албанскиот политички фактор во владата е непростлива. Затоа, неслучајно во последно време почна да избледува довербата во Специјалното Јавно Обвинителство, која почна да функционира според селективната правда, класифицирајќи ги случаите во зависност од политичките интереси на партиите на власт.
Движењето БЕСА максимално ќе се ангажира за обелоденување на сите монтирани судски процеси, да се обелоденат коруптивните афери каде се шпекулира за високи политички актери кои и сега се дел од владата. Во спротивно, граѓанската реакција ќе биде силна и БЕСА ќе го предводи организирањето за спречување на селективната правда на штета на Албанците и на сите граѓани во државата, а во интерес на коруптивните политичари“ сметаат од БЕСА.