Министерството за здравство во отворена и транспарентна постапка со огромна заштеда набави 12 возила за Итната медицинска помош (ИМП) од кои шест ќе му припаднат на Здравствениот дом Скопје, а по едно ќе добијат службите во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и во Берово. Ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри и огласите за прием на млади лекари во ИМП.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со заменик-министерот за здравство Асим Муса и директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ присуствуваа на промоцијата на возилата. Филипче рече дека службата за ИМП во изминатиот период се соочувала со многу проблеми и дека пристапиле кон нивно систематско решавање, а еден проблемите бил бројот на возила.
– Со овие шест возила сега практично капацитетот се зголемува за сто проценти. Значи се додаваат шест на веќе постојните само шест кои функционираа за територијата на Скопје. Има и сериозен недостиг на лекари и медицински сестри, а во периодот што следи ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри, а следните недели ќе се распишат огласите за прием на млади лекари кои се лиценцирани и кои во овој момент се невработени согласно новата измена на Законот за здравствена заштита со која секој лекар кој има лиценца ќе добие загарантирано платено работно место во период од шест месеци. На тој начин значајно ќе се надополни и бројот на доктори кои работат во оваа служба, потенцира Филипче.
Оваа служба, нагласи, одлично се покажа за време на несреќата кај Ласкарци, каде во рекордно време се појавија на терен дадоа соодветна тријажа, третман на повредените и транспорт до соодветните институции. Министерот рече дека верува оти со ова зајакнување на капацитетите во однос на возилата и кадарот кој ќе биде примен оваа служба ќе даде уште подобри перформанци во својата работа.
– Стопроцентното зголемување на капацитетот засега ќе биде доволно, но сме отворени да набавиме и дополнителен број возила со оглед на тоа што остана неискористена сума средства. Првично предвидената сума од 500.000 евра на електронска аукција падна на 300.000 евра. Значи имаме значителна сума која може да се искористи само за таа намена. Ќе направиме анализа за краток период и за потребите во останатите градови, па ќе направиме уште една постапка за набавка, додаде Филипче.
На прашање до каде е пренамената на возилата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за потребите на ИМП, рече дека на денешната седница на Владата треба да помине одлуката со која тие возила ќе ги преземат од страна на Министерството за земјоделство.
– Прво треба возилата да се префрлат од владение на Министерството за земјоделство на Министерството за здравство. Станува збор за возила кои се во солидена состојба и нема да бидат теренски, туку само за транспорт на пациенти и тоа е таа мала пренамена што може да се направи. Ќе направиме постапка за да ги пренамениме сите возила за потребите на ИМП, додаде Филипче.
На новинарско прашање дали е изготвена физибилити студијата за јавно-приватно партнерство во ИМП, рече дека дали тоа е добро решение ќе покаже студијата.
– Не е готова физибилити студијата. Економскиот оператор што го доби тендерот побара продолжување на рокот за уште два месеца, што завршува во јуни и врз основа на таа физибилити студија, што јавно ќе ја објавиме, ќе направиме јавна дебата како што планираме за сите распишани физибилити студии, но и за тие кои планираме да ги распишеме ќе видиме дали тоа е добра опција и ќе имаме поефикасен систем барем во некој од сегментите, истакна Филипче.
Доктор Мехмедовиќ рече дека секое возило плус значи шанса плус да се излезе во пресрет на граѓаните и на нивните потреби за да добијат квалитетна здравствена заштита кога е загрозено нивното здравје и нивниот живот.
– Седумдесет и пет екипи е нашиот таргет кој треба да го поставиме за да имаме квалитетна здравствена заштита на ниво на служба на ИМП. Во наредниот период не очекува многу работа. Веќе се прават измени во Законот за здравствена заштита што ќе доведат до можност младите лекари шест месеци да работат платено во службата за ИМП за да можат понатаму да продолжат на специјализација и со тоа ќе се решат дел од проблемите кои се однесуваат во однос на кадровската екипираност. Останатиот дел од проблемите ќе го решаваме со конкурси кои ќе ги распишеме во наредниот период за да можеме да ја доекипираме службата, додаде д-р Мехмедовиќ.