(ВИДЕО) Докторот специјалист згрозен од изјавите на Спасовски: Барам јавно извинување и укор за директорот

Од:

Божин Ефтимов, специјалист доктор од ЈЗУ УК за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, изрази згрозеност од ставовите на директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски, искажани во интервјуто за „А1он“. Д-р Ефтимов бара јавно извинување од Спасовски и укор од надлежните органи за искажаните ставови. Докторот за „А1он“ во искажаните ставови на директорот гледа обид за девалвирање на целата фела. Ова доаѓа откога Спасовски и јавно призна дека при одлучување за прекинот за издржување на казната на Бојан Јовановски-Боки 13 поради животозагрозувачката состојба, го ценел мислењето на домскиот лекар од примарното здравство наместо конзилијарното мислење потпишано од повеќе специјалисти од терцијарното здравство.

„Згрозен сум од односот и изјавите искажани во вашата емисија од страна на директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски. Изјавите на директорот, кој е апсолутно неквалификувано лице од областа на медицината, пред сè, се неумешни и неточни, особено е недозволиво тој како апсолутно неквалификувано и нестручно лице да ги толкува и погрешно да ги интерпретира нашите специјалистички наоди и мислења донесени врз основа на медицина базирана на докази. На дневно ниво во нашата клиника ЈЗУ УК за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ – Скопје, која е дел од терцијарното здравство, како највисоко ниво на здравствена заштита на пациентите, се лекуваат стотици и стотици пациенти и успешно се извршуваат хируршки интервенции, со што спасуваме животи на наши сограѓани. Нашиот позив и задача е, пред сè, хумано постапување кон сите пациенти, без никакви поделби, а крајната цел е давање соодветна здравствена заштита и грижа кон секој пациент што се лекува на нашата клиника“, посочува специјалистот д-р Божин Ефтимов.

Тој бара реакција од надлежните органи за да не се дозволи директорот Спасовски да го урива професионалниот интегритет, како неговиот така и на неговите колеги. Доктор Ефтимов за „А1он“ посочи дека на овој начин му се загрозува и животот на Боки 13 за кој најново е дека има метаплазија на желудникот според хистопатолошкиот наод, а состојбата му е животозагрозувачка.

„Директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски, во вашата емисија имаше обид и намера да ја девалвира целата наша фела на лекари специјалисти. Изразувам сериозна загриженост и барам сите надлежни органи веднаш да постапат сè со цел да не се дозволи на ваков неук, произволен и тенденциозен начин, преку лични непоткрепени претпоставки и несоодветни споредби, да се девалвира и нарушува нашата специјалистичка работа заедно со нашиот личен и професионален интегритет. Воедно, на овој начин се загрозува и животот на пациентот Бојан Јовановски, кој по последните медицински иследувања и извршени испитувања, хистопатолошкиот наод и во согласност со издадените медицински конзилијарни стручни мислења се наоѓа во животозагрозувачка состојба, со дијагностика за тешко хронично заболување. Во хистопатолошкиот наод изработен од страна на Медицинскиот факултет, Институт за патологија – Скопје, кај пациентот Бојан Јовановски, кој беше предмет на дискусија во вашата емисија, констатирана е интестинална gobel cell метаплазија на желудникот, односно претканцерозна состојба со висок ризик за животот и здравјето на пациентот, па во согласност со ова бараме да се почитуваат нашите специјалистички препораки за понатамошно лекување на пациентот и да не бидат предмет на нестручно и неквалификувано толкување и интерпретирање“, додава специјалистот за „А1он“.

Во реакцијата за искажаните ставови од страна на директорот Спасовски, во која бара извинување, напоменува дека негова задача е професионално дејствување за да му го спаси животот на Јовановски. Бара веднаш јавно извинување од директорот на Управата за извршување на санкциите.

„Напоменувам дека наша задача е да му даваме максимална здравствена заштита на секој пациент, па така и на пациентот Бојан Јовановски, бидејќи примарно во нашето дејствување се професионалноста и почитувањето на начелото на хуманост како основен постулат на секој здравствен работник. Во врска со јавниот настап во вашата емисија на директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски, барам укор од надлежните и надредени органи за директорот поради сето погоре наведено, а воедно бараме и веднаш јавно извинување од негова страна за сите негови непоткрепени изјави во вашата емисија, кои директно задираат во нашиот изграден авторитет како докажана болничка установа, која е дел од терцијарното здравство од државниот здравствен систем“, додаде специјалист доктор Божин Ефтимов.

Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкциите, во интервјуто за „А1он“ призна дека кога одлучувал дали ќе му дозволи привремен отпуст на Боки 13 поради влошено здравје, се водел од мислењето на домскиот лекар, кој рекол дека затвореникот може да остане во затворот „Идризово“. Ова е спротивно на три конзилијарни мислења дадени од разни специјалисти и цели стручни колегиуми, кои сметаат дека нивниот пациент може да умре ако лекувањето продолжи во пенални услови.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески

Боки 13 уште е во болница, Апелација ја одложи јавната седница за „Меѓународен сојуз“

Катерина Ѓуровски