(ВИДЕО) Димитров: Во Лондон сум со цел да добијам поддршка од најстарата демократија во светот

Од:

Европската унија ја гледаме како клуб на земји за кои владеењето на правото е важно, медиумите се слободни и механизмите за контрола на власта функционираат, изјави Министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за „Скај њуз“.

Прашан зошто Македонија сака да влезе во ЕУ и што може Велика Британија да направи за тоа, Димитров рече дека во време кога светот станува понепредвидлив, „веруваме дека ќе бидеме побезбедни и сигурни во поглед на нашата иднина ако сме дел од ЕУ“.

– Тие што се внатре често забораваат колку е студено надвор. Во Лондон сум со цел да добијам поддршка од најстарата демократија во светот за тоа што јас верувам дека е многу надежна перспектива за мојата земја Македонија. Успеавме да излеземе од длабоката морална криза како посилни и позрели. Имаме силна одлучност да изградиме вистинска европска демократија и патувам низ етаблираните демократии низ Европа за да ја пренесам таа порака и да ја добијам нивната поддршка. Бидејќи, поддршката од Велика Британија е големо охрабрување на граѓаните на Македонија, изјави Димитров.

Според него, за справување со големите проблеми треба да се дејствува како едно, дали тоа е мигрантската криза, климатските промени или тероризмот.

– Затоа веруваме дека регионот на Балканот ќе биде посреќно место ако е дел од ЕУ, рече Димитров.

Во однос на добрососедските односи со Грција, Димиртов рече дека неговата прва официјална посета била токму на Грција.

– Имав 18 години кога Македонија стана независна. Наскоро ќе имам 45. Треба да направиме повеќе и подобро како генерација, рече Димитров.

Во однос на мигрантската криза, Димитров, рече дека ЕУ треба да продолжи да ја поддржува Турција бидејќи договорот ЕУ – Турција направил голема разлика и балканската рута треба да остане затворена.

– Правиме се што можеме за тоа. Треба да се поддржува и Грција, затоа што надворешната граница на ЕУ е на грчко-турската граница. Мигрантската криза покажа колку Балканот е важен како регион за безбедноста на Европа, изјави Димитров.

Би можело да ве интересира

Во МНР отворена Книга на жалост за загинатите во трагедијата во Кочани

МНР: На девет амбасадори им завршува мандатот, неточни се информациите објавени на дел од порталите

Филипче покажа недоволно познавање на меѓународната политика, реагира Министерството за надворешни

МНР: Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација

Македонија ќе добие нови амбасадори во Украина, Јапонија и Хрватска

МНР ќе бара објаснување од Србија зошто е протерана македонска државјанка од Белград

Горан Наумовски