(ВИДЕО) Депонијата „Буково“ гори, директорот на комуналното е задоволен од одржувањето од фирмата на Нефи Усеини

Од:

Депонијата „Буково“ гори втора недела по ред. Охридското комунално претпријатие троши 45 илјади евра за нејзино одржување, а секое лето таа е запалена и се шират неподнослива миризба и чад, кои го загрозуваат и здравјето на жителите во околните села. Оваа депонија се наоѓа на патот Охрид – Ресен. За нејзино одржување е задолжена фирмата „Нефи ИК“, сопственост на екссоветникот од ДУИ и бизинисмен, Нефи Усеини. Директорот на „Охридски комуналец“, Лупчо Грданоски, е задоволен од работата на фирмата. Одговорноста за запалената депонија ја префрли кај полицијата бидејќи таа има надлежност за постапување, а не претпријатието, бидејќи тврди дека ја палат лица што собираат железо и бакар од неа.

„Можам да кажам дека според обврските што се во тендерската документација, ги исполнуваат обврските во целост. Без забелешки“, вели Грданоски за фирмата „Нефи ИК“, која ја одржува депонијата.

За Грданоски, депонијата „Буково“ гори изминативе 20 години, а не една и пол недела, како што посочивме ние. Најавува дека денес или утре ќе биде изгасната, но не исклучува дека повторно ќе биде запалена. Директорот задолжен да се грижи за депонијата вели дека не може ништо да направи бидејќи нема како да се справи со потпалувачите.

„Депонијата ‘Буково’ гори 20 години. Не гори сега, една и пол недела. Во последниот период проблемите се настанати од човечки фактор. Ние како јавно претпријатие имаме пратено официјални дописи и побарано помош од СВР Охрид. На депонијата нелегално престојуваат лица што не се жители на Охрид, собираат железо, бакар и го палат ѓубрето за полесно да го извлечат тој материјал за да го продаваат. СВР Охрид реагира на нашите барања. Тие постапуваат, ги бркаат од депонијата, но наредниот ден тие повторно се враќаат. Ние депонијата ја третираме и со алга против пожари, за намалување на капацитетот на отпадот, покривање со земја и слични такви работи. Веќе денеска или утре депонијата повторно ќе биде изгасната. Ние како претпријатие немаме начин како да се справиме со овие лица бидејќи може да се повтори ситуацијата“, додава Грданоски.

Депонијата има и чувар, според тврдењата на Грданоски. Во договорот склучен со компанијата „Нефи ИК“, вреден 45 илјади евра за една година, не стои ставка за ангажирање ваква служба. Директорот вели: „Што да направи чуварот?“

„Ние имаме чуварска служба, чувар на депонијата. Што да направи чуварот? Се јавува во полиција. Полицијата доаѓа по половина час, ги растерува, а по еден час пак се враќаат. Ние вчера официјално побаравме помош од приватните агенции за обезбедување. Ниту една агенција не се нафаќа да ја обезбеди таа депонија. Ние немаме надлежност за да примениме физичка сила врз тие лица таму. Ние сме моќни да го правиме тоа што можеме според законот. Има други институции што треба да се справат со тие лица“, смета тој.

Минатиот месец претпријатието „Охридски комуналец“ потрошило и 3.700 евра за купување природен препарат на база на екстракт од алга. Овој препарат, според Грданоски, треба да помогне „Буково“ да не гори повеќе. Но, како што вели, треба да се потрошат милиони за да се покрие целата депонија.

„Онаму каде што се употребува алгата, не гори. Меѓутоа, тоа е скап препарат. Ќе ни требаат огромни средства за да ја покриеме целата депонија со оваа алга. Ќе ни требаат милиони. Ја применуваме на критичните места, каде што во моментот има оган“, додава Грданоски.

Владата во 2019 година најави дека до февруари 2020 година треба да обезбеди локација за нова депонија и да се затвори постојната „Буково“, која се наоѓа на дваесетина километри од Охрид. Нема информации дали е обезбедена локација и каде. „А1он“ и изминативе години објавуваше снимки, на кои се гледа како гори депонијата „Буково“. Тогаш пишувавме и дека поради нередовното одржување, сметот е расфрлан сè до регионалниот пат.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка