(ВИДЕО) Давчева: ДПМНЕ ги претвора управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во партиски плен

Од:

На седницата на Советот на Град Скопје, советничката од Левица, Милица Давчева, реагираше на предлогот за избор на членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, посочувајќи дека зад декларативните заложби за стручност и професионалност се крие уште една поделба на јавните функции меѓу партиски кадри, донатори и блиски лица до власта.

„Кога ќе ги отворите нивните биографии, целата маска паѓа во вода. Ова не е никаков избор на професионалци, апсолутно. Ова е само поделба на партискиот плен. Истите ликови се вртат во управните и надзорните одбори. Станува збор за лица поврзани со власта, партиски донатори и функционери, чија единствена квалификација е лојалноста кон партијата“, рече Давчева.

Давчева посочи и дека дел од предложените кандидати немаат ниту основно релевантно работно искуство во областите за кои треба да одлучуваат, а нивните биографии, наместо професионални квалификации, содржат информации кои немаат никаква поврзаност со управувањето со јавни претпријатија.

Притоа таа истакна:

„Голем дел од кандидатите кои ги предлагате немаат ден работно искуство во областа на финансиите и правото, иако тоа се критериуми според кои треба да се изберат. Но затоа со огромни амбиции треба да одлучуваат за милионски буџети и за судбината на градот.

Наместо сериозни научни достигнувања, сертификати и релевантни дипломи, знаете ли какви вештини имаат наведено во своите биографии? Дека биле водители на Фолк радио, дека учествувале на Херба Лајф семинари, дека во своите вештини напишале дека читаат книги и слушаат музика, и дека снимаат свадби. И овие кандидати треба да одлучуваат за јавните претпријатија под ингеренција на главниот град, односно за јавниот превоз и комуналната хигиена.“

Давчева посочи конкретни примери од предложените кандидати за управните и надзорните одбори на ЈП „Комунална хигиена“:

„Во Управниот одбор на ЈП ‘Комунална хигиена’ е предложена Соња Гелева Штеловска, советник за сметководствени работи во Министерството за финансии и партиски донатор на ДПМНЕ за време на кампањата во 2024 година, кога донирала 40.000 денари. Во 2021 година била назначена и за член на Надзорниот одбор на ЈП ‘Градски паркинг’.

Потоа ја имаме Марија Рошковска, вработена во Министерството за транспорт и врски, чија биографија е збогатена со тоа што порано била водителка на утринска програма на Фолк радио Скопје, но и управител во туристичка агенција.

Јован Карачовски е поранешен функционер на ДПМНЕ, дел од Градскиот комитет на ДПМНЕ и еден од поголемите донатори на партијата. Пред парламентарните избори во 2024 година тој донирал 3.000 евра.“

Советничката од Левица продолжи со примери од предложените состави во ЈП „Паркови и зеленило“, каде повторно, како што посочи, се појавуваат партиски функционери и донатори.

„Во ЈП ‘Паркови и зеленило Скопје’ го имаме Пане Антовски, поранешен координатор на советничката група на ДПМНЕ во Општина Аеродром. На последните локални избори бил кандидат за советник во Град Скопје.

Александар Шулев е сопруг на поранешната заменик-претседателка на ДКСК, Билјана Какашкова Шулев, а исто така е партиски донатор на ДПМНЕ и има искуство во Управен одбор.

И сега доаѓаме до кумашинката на вашиот господар Христијан Мицкоски, односно Цветанка Игнева-Миќе, член на Управниот одбор уште од времето на Данела. Во 2019 година донирала 500 евра за ДПМНЕ, а во 2021 година донирала уште 1.000 евра.“

Давчева посочи дека истиот модел продолжува и во останатите јавни претпријатија.

„Во Управниот одбор на ЈП ‘Улици и патишта’ го имаме Милен Андоновски, кој работи во Директоратот за правни работи во Министерството за одбрана, а во 2018 година бил претседател на Советот на Општина Гази Баба од ДПМНЕ.

Златко Јанковски е поранешен советник на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, вработен во Министерството за евроинтеграција, а претходно бил и портпарол во Министерството за култура.

Во ЈП ‘Лајка Скопје’ се предлага Стојан Чедонев, поранешен координатор на советничката група на ДПМНЕ во Општина Аеродром, како и Игор Кралевски, поранешен фудбалер и активист во Градскиот комитет на ДПМНЕ.“

Во исто време, како што посочи Давчева, стручни лица со релевантно и долгогодишно искуство остануваат надвор од предложените состави.

„Замислете, во јавно претпријатие ‘Лајка’ се предлага член кој е поранешен фудбалер и активист во Градскиот комитет на ДПМНЕ, додека се одбиваат стручни лица во својата област, како Јована Ташкова, која има 12 години работно искуство со благосостојбата и третманот на животни и 15 години е активист за заштита на животните.“

Советничката од Левица посочи и на кандидатите во ЈП „Дрисла“, меѓу кои, според неа, повторно се појавуваат лица со јасна партиска позадина.

„Во ‘Дрисла’ ја имаме Катерина Лазаровска, вработена во ТАВ Македонија, кандидат за советник во Кисела Вода од вашиот коалициски партнер ЗНАМ и кандидат за пратеник на последните парламентарни избори. Потоа го имаме Данијел Ковачев, кој 20 години студирал земјоделие, претходно бил член на Управен одбор на ЈСП, а бил и дел од општинските тела во Гази Баба од ДПМНЕ.“

Давчева предупреди дека ваквата кадровска политика има директни последици врз функционирањето на јавните претпријатија и врз трошењето на парите на скопјани.

„Кога на вакви клучни позиции ќе поставите луѓе без соодветни квалификации и образование, штетата воопшто не е апстрактна, туку е директна. Тие луѓе се тие кои утре ќе гласаат за одлуки кои се од витално значење за градот Скопје.“

На крајот, советничката од Левица ја поврза системската партизација на институциите со иселувањето на младите и маргинализирањето на образованите и стручни луѓе.

„И после се чудите зошто младите се иселуваат од државата. Па затоа што сè што е паметно, младо и интелектуално го туркате на маргините, за што побрзо да се исели од оваа држава. За вас не вредат успехот и знаењето, ниту младите економисти и правници кои имаат знаење и образование. Единствена тежина имаат овие партиски донатори, овие државни функционери и нивните деца, кои ја продолжуваат вашата традиција на цицање и на упикување во сите јавни институции во државата.“

Советничката група на Левица бараше предложената листа за избор на членови на управните и надзорните одбори да биде повлечена и јавните претпријатија да престанат да бидат механизам за вдомување на партиски кадри и наградување на партиски донатори. Но мнозинството, предводено од ДПМНЕ, ја изгласа листата“.

Би можело да ве интересира

Левица: Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ го претвораат Советот на Град Скопје во режирана претстава без можност за дебата

Службеници за 1.400 евра правеле лажни возачки дозволи, велат од Левица

Левица: Гостиварци ја платија кризата со здравје и страв, а власта сега им испраќа и фактура – Советот дреме

Левица: ЕВН наплаќа „милиони“ за модерна мрежа, додека граѓаните добиваат неквалитетна услуга

Левица со жестоки критики: Мицкоски ја вплеткува Македонија во туѓи воени авантури

Левица: Планира ли некој да ја извести Јаневска дека студентскиот оброк, спротивно на Закон, три години не е покачен или свесно продолжува да лаже?!

Горан Наумовски