Деканот на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Иван Чорбев во одбрана на контрадемонстрантите. Тој кажа дека собраната група на студенти од ФИНКИ и ДИВ не биле контрадемонстранти, туку биле собрани за еколошка акција во која се обидувале да засадат што поголем број дрвја, откако пред некој ден беа исечени сите.
– Тоа е на некој начин компензација за исечените дрвја каде треба да се изгради зградата на ФИНКИ, па сакаме да засадиме нови. На трибината во саботата ветивме дека ќе засадиме двојно повеќе дрвја од исечените во најскоро време, рече Чорбев.
Чорбев вели дека студентите на ФИНКИ се првите кои што ја подигнале свеста за екологијата во Скопје. Сите апликации на кои се следи загадувањето во Скопје се направени од нашите студенти и асистенти.
– Целата процедура за изградба на новиот факултет трае подолго време и се запазени сите законски и универзитетски процедури. На наставно-научните совети на двата факултета беше изгласана потребата за изградба на зграда и финансиерот да ја изгради таа зграда. Нашите факултети немаат финансиски капацитет да изградат факултет сам, рече Чорбев.
Тој вели дека побарале техничка спецификација само на внатрешноста на содржините на зградата, а не дале никакви насоки за надворешниот изглед.
– Јас не сум архитект и не можам да ви кажам за изгледот на факултетот, рече Чорбев на новинарското прашање дали го поддржува барокниот изглед на факултетот. Според него, се разгледувале повеќе локации за изградба на нова зграда за факултетите, но сите локации си носеле свои проблеми, па поради тоа се одбрала токму оваа локација.
Александар Тодески