Чаирчанецот, Орхан Алиу, се сомнева дека неговиот имотен проблем со споменува во најновата политичка бомба на опозицијата, каде владини функционери преговараат за рушење на бесправно изградени објекти во Чаир.
Како во случајот со куќата изградена на пешачки остров на Кале, која не само што не е срушена, туку е изградена и се користи, така е дозволена изградбата и на објект на земјиште на кое Алиу имал право на користење.
Семејството Алиу вели дека во периодот од кога датираат разговорите, само два објекти во Чаир имале решение за рушење, иако низ општината, велат, има стотици дивоградби. Во разговорот помеѓу, како што велат од СДСМ, Никола Груевски и Али Ахмети, се зборува токму за рушење на две дивоградби.
Објектот се наоѓа на пластичарска улица, веднаш спроти полициската станица во Бит пазар. Станува збор за трикатна градба која е наменета за деловни или комерцијални цели. Зад градбата, односно во нејзината сенка, се наоѓаа обезвреднетиот имот на семејството Алиу збиен од околните објекти и притиснат на мала површина до која нема приод. Тие мораат да поминат низ тесни тунели од левата или од десната страна на дивоградбата за да влезат во своите простории.
Проблемот започнал во 2011 година кога ненадејно и без најава почнале градежните работи за подигнување на трикатниот објект. Семејството Алиу реагирало во Општина Чаир и кај надлежните институции затоа што градителите немали ниту дозвола ниту документи за сопственост, но нивните реакции биле игнорирани.
На 13-ти мари Општината донела решение за отстранување на започнатата градба, но во декември истата година градоначалникот на Општина Чаир потпишал легализација на објектот.
Алиу се прашува како е возможно сопствениците на објектот да се стекнат со решение за легализација на парцела која не ја поседуваат. Имено за ова решение е потребно да приложат лична карта каде ќе стои адресата на парцелата како нивно живеалиште, потоа сметки за плаќање на струја и вода, како и елаборат. Објектот, пак, не бил изграден кога е издадено решението, а освен тоа се работи за комерцијален простор во кој никој не може да живее.
-Вие не можете да кажете дека живеете во деловен објект и да добиете лична карта за потоа да си подигнете решение за легализација. Станува збор за очигледни злоупотреби кои судот и другите институции ги игнорнираат и ништо не преземаат. Не водат сметка за штетата која ни ја нанесуваат. Од промена на планот пред шест години, четири години веќе водиме спор во судовите. Не можеме нашите објекти ни да ги изградиме ни да ги издадеме за наша намена – вели тој.
Алиу тужи за узурпација на имот како и за злоупотреба на службена должност од страна на Општината и судовите затоа што е дозволено објектот да се изгради. На површина од 187 метри квадратни, тој има право на владение на 67 метри квадратни, кое го добил по правосилна пресуда на судот. На тие квадрати се наоѓа триспратениот објект.
На другата површина од парцелата семејството имало објекти поради што имале законска можност да ги легализираат и на тој начин да добијат сопственост на земјиштето, но со градбата која никнала на овој посед спречени се да ги откупат квадратите од државата и да се стекнат со тоа што по закон им следува како можност.
-Цел објект е изграден поради тоа што дозволија незаконски да се легализира. Инспекторите од Општина Чаир и од МВР не информираа дека донеле решение за отстранување, но не само што не се отстрани објектот, туку, напротив, дозволија на незаконски начин да се легализира со помош на судот. Прво во 2011 година баравме да се прекине со градежните работи, а сега бараме рушење на објектот. Со економско вештачење можеме да докажеме дека истиот објект за четири години ни има нанесено штета поголема од самата градежна вредност што ја има– вели Алиу.
Самиот објект од 640 метри квадратни, вели тој, претворете го во пари, цената по квадрат на оваа локација, и, додава, ќе добиете корупција.
-Имаме информации дека можеби се работи за поткуп, но не можеме тоа да го докажеме. Сепак не би инсистирале на ова да немаме правосилна извршна пресуда за трајно владение на просторот. Поднесовме кривични пријави против девет судии од Апелациониот суд и против градоначалникот затоа што со нивните постапки не само што дозволија да се изгради објектот, туку и ни нанесоа огромна штета со тоа што е намалена вредноста на нашиот имот. Со тоа на нас ни е проценета штета од 18.000 евра – додава Алиу.
При изградбата на оваа дивоградба, вели тој, законите се неколкукратно изиграни. Законот за легализација дозволува легализирање на објекти изградени до 3-ти март 2011 година, додека овој објект почнал да се гради на 28-ми март 2011 година.
Не постои, вели Алиу, никаков основ за добивање на решението за легализација со што дивоградбата се озаконува. Проблем има и во самиот Детален урбанистички план, а кој оди на штета на семејството Алиу затоа што дозволува слепување на дивоградбата до нивните објекти и тоа од предната страна со што им се оневозможува било какво приод до низниот влез. Од овие причини објектот кој легално го поседуваат не можат да го употребуваат ниту да го пренаменат за деловни цели.
Маја Васева