ВИДЕО: Центар официјално ќе одбие стотина барања за градење по одлуката на Уставен суд

Од:

Во исчекување на објавата на одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот за градење во период од 30 дена, Општина Центар ќе ги затвори како одбиени сите досега поведени постапки за одобренија за градење. Официјално затворени ќе бидат и барањата што физички биле поднесени во Општината и барањата поднесени по електронски пат.

Овој чекор Општината го презема за да не се случи автоматски по барањата што биле поднесени електронски и по евентуално укинување на мораториумот по одлуката на Уставен суд, да биде почната постапката за добивање одобрение.

„На сите што ќе аплицираат, а влегуваат во категоријата забрана за издавање одобренија за градење, односно почнување постапка, им следува одговор од наша страна од секторот за урбанизам дека не може да почнат постапка бидејќи е донесена одлука од Советот на Општина Центар, кој воедно ги носи плановите, дека тие планови не може да се извршуваат. Сите постапки ќе бидат затворени како одбиени. Во моментот кога ќе заврши мораториумот од наша страна, без разлика дали ќе донесеме нов или ќе преземеме други правни лекови, тогаш ќе може повторно да продолжат со тие постапки. Има над стотина без разлика дали станува збор за доградба, за нова градба, градба што на каков било начин влегува во фазата за неиздавање одобренија“, вели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Тој се изјасни дека нема да прифати укинување на мораториумот за градење во Центар оти е во интерес на граѓаните и најави нови правни мерки со кои ќе биде стопирано градењето по одлуката на Уставен суд. Кои се мерките ќе објави откако судот ќе ја каже одлуката што беше донесена во средата минатата недела, но с è уште не е објавена на веб-страницата на судот, ниту во „Службен весник“.

„Не е во прашање дали се тајна или не, тоа е подготовка во зависност од тоа каква одлука ќе биде објавена, мораме и неа да ја разгледаме и врз основа тоа да го преземеме тој чекор што сме го спремиле“, рече градоначалникот Богдановиќ.

Претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, и по одлуката на Уставен суд, очекува поддршка за мораториумот во Центар како единствен начин да прекине хаосот во урбанизмот.

„Кога ние би имале малку поголема поддршка сега и од централната власт и тоа да биде една одлука што можеби како домино-ефект ќе успее да тригерира и други институции да си ја завршат работата и да не дозволат да се пренесуваат овие грешки што тука сме ги утврдиле во други општини или во други региони на Македонија, ќе биде многу добро. Од друга страна, ми се чини дека ние со одлуката правиме и еден чекор кон она што и меѓународната заедница го бара од нашата држава – да завладее правото, да се врати достоинството на живеење на луѓето, институциите да не се прогласуваат ненадлежни, туку одговорноста што ја имаат да ја фатат во свои раце и да се борат против корупцијата бидејќи оваа одлука, точно за да ги спречи сите тие незаконски донесувани одлуки или неквалитетно донесувани одлуки за граѓаните, е крајната цел за да го вратиме достоинството на секој човек и мислам дека за тоа треба да добиеме поддршка и од централната власт“, вели претседателката Белчева.

Поради нереагирањето на институциите, Белчева-Андреевска вели дека државата ни е сè уште заробена и апелира институциите да почнат да го штитат јавниот интерес наспроти интересот на поединци. Во такви услови претседателката вели дека Советот на Центар е подготвен да бара алтернативни начини како да го продолжат процесот на квалитативна евалуација на детаљните урбанистички планови за да се изработат нови со поправени грешки, да се намали ризикот за граѓаните и да се донесе ново уредување на просторот по мерка на човекот.

Уставниот суд минатата недела прифати да расправа за иницијативата на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на северозападна Македонија за испитување на уставноста на мораториумот за градење во Центар, кој сметаат дека му носи голема штета на градежниот бизнис. Судот одлучи, додека се донесе конечна одлука во рок од 30 дена, да се укине мораториумот на 29 детаљни урбанистички планови.

Граѓаните оваа одлука ја нарекоа скандалозна оти ги штити бизнис-интересите наместо јавниот интерес.

Маја Илиевска – Пачемска

Би можело да ве интересира

Уставен не поведе постапка за законските измени за работните часови од Договорот со „Бехтел и Енка“

Катерина Ѓуровски

Апасиев: Ванковска и Левица го оспорија упатството за радиодифузери на АВМУ пред Уставниот суд

Орце Костов

Уставен ја укина одредбата од законот според која на лицата со тешка попреченост над 65 години не добиваа парична помош

Орце Костов

Пендаровски: Уставниот суд уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи

Kацарска: Волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите