„Лага и шпекулација е дека сум најдобро платен директор во државата“, вака директорот на ЈП ПОЦ, Саша Богдановиќ одговори на обвинувањата на советниците од ВМРО – ДПМНЕ дека секој месец зема плата од 2.000 евра и дека е најдобро платен директор.
Платите во ПОЦ се утврдени со правилник.
„Документот со кој мавташе на прес конференција координаторот на ВМРО – ДПМНЕ нема заверка и е груба манипулација.Јас покажав документ дека платата е далеку помала и е согласна со правилникот. Сите вработувања во ПОЦ се преку оглас“, рече Богдановиќ.
Тој посочи неколку примери како општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ ги врши партиските вработувања. Поранешната директорка Маргарита Баќев само по четири месеци работење се наградила со 100 проценти од основната плата за успешно завршена работа, ова рече Богдановиќ е за годината кога претпријатието работи со загуба, а наградата била префрлена без придонеси, дирекно на нејзината сметка.
Богдановиќ презентираше и податоци за огромни надминувања на телефонските сметки на ЈП ПОЦ, дури и на телефони кои се водат на Коневски и на општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ.
„Имаме изјави од вработенит во ПОЦ дека во петок попладне телефоните им биле земени за потребите на ОК на ВМРО – ДМПНЕ. Потсети и на оркестрираните напади врз општината, на демолирањето на општината во 2013 година, кога како организатор се јавува Сузана Миновска, сопруга на Душко Миновски. Таа е и донатор на партијата на власт“, рече директорот на ЈП ПОЦ.
Богдановиќ го читаше и транскриптот од „бомбите“ на Заев во кои премиерот договара на таа седница да му се врзат и два три шамари на Жерновски.
„2013 година фасификувавте лични карти за гласачи од Пустец. Кај вас,на вашата адреса Томислав Лазаров имаше регистрирано и 5 гласачи со презиме Ајредини, Бектеши, Шакар, Цако – Сакка, Шуаре. За ова ќе одговарате за измама, злоупотреба на избирачкото право како помагач и повреда на тајноста на гласањето“, рече Богдановиќ.