Движењето Беса го обвинува поранешниот лидер Билал Касами за фалсификат и најавува кривична пријава против него. Тие велат дека во наредните денови на неколку прес-конференции ќе го обелоденат „мега-скандалот кој го направил поранешниот претседател на Движењето, фалсификувајќи ги документите на Беса во судот и поднесувајќи документи кои тој ги напишал дома или кои му ги имаат напишано тие кои го порачале расколот, додека тој ги испратил во судот како тие да се официјални документи на Беса“.
„Истражувавме во досието на Движењето Беса во судот и пронајдовме документи кои ги фалсификувал Касами. Всушност, веднаш по завршувањето на локалните избори, во периодот кога тој го блокираше функционирањето на партијата, односно во периодот кога ние го молевме да најдеме едно компромисно решение, тој веќе започнал со својата задача работејќи скришум. Тој поднел во судот во Скопје фалсификувани имиња за претседатели на ограноците на Движењето БЕСА, со што сакал да создаде фиктивно мнозинство во Централниот совет, бидејќи знаел која е реалната поддршка за него“, изјавија од Беса.
Првата седница на тогашниот Централен совет во кој беше изразено незадоволство кон Билал Касами се одржа на 24 декември 2017. Ова седница беше свикана од мнозинството на членовите на Централниот совет со собирање на потписи на ден 21 декември 2017 година. Во меѓувреме, Касами на 15 ноември и 4 декември поднел во судот фалсификувани имиња на претседателите на ограноците.
„Се поставува прашањето што го поттикна Билал Касами дури во ноември да ги фалсификува имињата на претседателите на ограноците, кога се знаеше дека во тој период немаше незадоволство изразено кон него? Кој го побарал тоа од него и зошто тој го направил ова фалсификување? На 15 ноември 2017 година тој во судот надлежен за регистарот на политичките партии (предмет бр. 131/17), ги поднел имињата на претседателите не ограноците на Движењето БЕСА, кои според статутот на Движењето БЕСА по автоматизам се и членови на Централниот совет, и меѓу 25 имиња ги додал најмалку уште 5 фалсификувани имиња на претседателите на ограноците на Движењето БЕСА“, обвинуваат од партијата.
Според нив, во Боговиње за претседател на огранокот бил избран Шпенд Тахири, но Касами во судот го поднел името на Нуредин Деари како претседател на овој огранок. „Иако Движењето БЕСА имаше двајца членови на Централното претседателство од Ресен, Кастриот Реџепи и Аријанит Хоџа, тие не успеа да ги најдат ниту десет луѓе за да основат огранок таму. Меѓутоа ова не му пречело на Касами во судот да го поднесе името на Аријанит Хоџа како фиктивен претседател на огранокот на Ресен. Во Струга избран претседател на огранокот бил Риат Абдурахмани, но како што изгледа Билал Касами не му верувал, па во судот како претседател на огранокот на Струга го поднел името на Нусрет Зиба, дојден од НДП“, обвинуваат од партијата.
Тие велат дека овие податоци се пријавени и во органите на правдата и тој ќе се соочи со кривична пријава за фалсификување на документите и службените акти на Движењето БЕСА.