„Со новиот ребаланс на буџетот, СДСМ ја уништува перспективата на младите. Штетните политики на власта го поттикнуваат егзодусот на македонските граѓани. Сега предвидени се нови кратења најмногу за оние граѓани кои допрва треба да го дадат својот придонес за државата и да ги решаваат проблемите на општеството.
Како што посочивме и изминатите денови, со предлогот на СДСМ, се кратат средства во образованието и образовната инфраструктура, од изградбата и реконструкцијата на студентските домови, средните и основни училишта, спортските објекти.
Но сепак најбизарно е Владата да предвиди милионски средства за лубриканти, а да скрати средства од проектите за превод на книги од реномирани автори!“, рече Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дури 48 милиони денари помалку се предвидени за превод на стручна литература од најдобрите светски универзитети. Студентите и научниците во Македонија наместо да бидат во чекор со своите врсници од светот ќе ја намалат можноста да бидат во тек со најмодерните откритија во својата област. Нашите врсници во минатото беа принудени да учат од книги напишани на странски јазици, српско-хрватски, бугарски, англиски и други. Со проектот на ВМРО-ДПМНЕ им се овозможи на студентите и учениците да учат од најдобрата светска литература на својот мајчин македонски јазик.
Ваквото кратење не враќа децении наназад.
Значи ли тоа дека студентите повторно ќе бидат принудени да учат од литература на некој од јазиците на соседните држави?
Ефектите од ваквиот однос на Владата кон младите е катастрофален. Не е ни чудно што невработеноста кај младите е во пораст и изнесува повеќе од 50 проценти. Корупцијата и укинувањето на правната држава ги брка младите надвор од Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ било и ќе биде на страна на младиот човек. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на создавање иднина и перспектива за младиот човек, бидејќи без него ниту државата нема иднина. Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ главен приоритет ставаме на потребите на средношколците, студентите, младите научници и професионалци.
Фокусот ќе биде на градење успешни идни генерации, бидејќи за Македонија да победи потребна е успешна младина!“, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.