Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.
Пред насобраните се обрати поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан кој рече дека „денеска да му кажеме да на животот и на семејството оформено од еден маж и една жена. Собрани сме дека црквата не протестира против некоја личност и не отфрла никого“.
Академик Катица Ќулавкова во својот говор пред Соборниот храм во Скопје рече дека најновиот предлог закон се повикува на правата на жените.
– И во самиот закон се мешаат пол и род и законот не може да биде одржлив. Се прави конфузија помеѓу поимите пол и род. И во самиот закон за родова еднаквост се мешаат категорите пол и род, поради што законот не може да биде одржлив. Трансродовата концепција поттикнува променливост на идентитетот. Ги загрозува правата на жената. Конфликтна е и се служи со говор на омраза. Трансродната приказна ги релативира идентитетите, до тој степен што ги укинува – рече Ќулавкова.
Нагласи дека се соочуваме со гранични луѓе и додаде:
– Се изопачуваат естетските вредности. И самиот предлог закон предвидува Владата да основа Секретаријат за родова еднаквост и цела една мрежа за спроведување на овој закон проследен со казни и други санкции – нагласи Ќулавкова.
Рече дека светот повеќе не е слободен.
Денеска Исламската верска заедница соопшти дека е против донесување на законите за родова еднаквост и за матична евиденција и оти нејзиниот став во однос на спорните закони за кои се отвори дебата во јавноста, е „пред се заштита на традиционалните семејни вредности, и по структура и по морал“.
ИВЗ и порано излезе со став дека ја поддржува одлуката на сите поглавари на верските заедници во земјава, која дојде како резултат на заедничката средба од 7 мај годинава, при што беше истакнато дека законите за кои станува збор се спротивни на религиозните принципи и тие нема да бидат поддржани.
– Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ. Според информациите со кои располагаме, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор, се наведува во соопштението од ИВЗ.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација го осудија повикот за протест на МПЦ-ОА, чија единствена цел, како што велат, е да се направи јавен притисок кон повлекување на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција од собраниска процедура оценувајќи го како директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и не препознавање на нивните реални животни ситуации.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро го осудуваат повикот за протест на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).