Новата граѓанска платформа „Ајде“ денеска ја имаше својата прва јавна акција, кога 123 активисти и граѓани седнаа на столчиња на улицата пред Собранието, под мотото „Ден порано, пред да биде предоцна“.
– Сакаме да ги оневозможиме лошите политики кои се базираат на манипулации, лаги и грабеж, а да ги охрабруваме добрите политики базирани на слобода, демократија и солидарност. Имаме намера безрезевно да ги поддржиме граѓаните слободно да размислуваат, слободно да говорат и слободно да коментираат и креираат политики и слободно да бараат подобра власт. Да, зборуваме за политика, за граѓанска политика, граѓаните имаат право да учествуваат во политичкиот живот, а притоа да не мора да се членови на ниедна партија. „Ајде“ има намера сериозно да се занимава со враќањето на политиката кај граѓаните и да не дозволи во Македонија партиите, особено оние на власт, да не ја окупираат политиката. Политиката не е појава со која граѓаните може да се занимаваат само на избори. Политиката е нашето секојдневие, ајде веќе да не дозволиме веќе нашето секојдневие да биде узурпирано од партиите. Ајде да ја вратиме политиката кај граѓаните. Оваа е платформа сега брои 123 поединци и е отворена да и’ се приклучи секоја заинтересирана индивидуа која сака да внесе нови слободарски и демократски вредности. На Македонија и’ потребна масовна граѓанска акција, рече Марјан Забрчанец.
Платформата е отворена и за старите и искусни активисти и за младите ентузијасти, за различни здруженија и групи „Ајде“ ќе се гради одвнатре, граѓаните, „Ајде“ ќе им помага на ранливите групи и заедници, ќе ги развива солидарноста и волонтерството, Ајде ќе се конфронтира со лошите политики на власта, ќе акумулира јавни ставови против газењето на човековото достоинство, против лагата и грабежот, против изживувањето со етничките и меѓуетничките чувства на граѓаните на Македонија, беше речено на протестот Артан Садику рече дека е време да се викне „Доста е!“, на најголемата социјална неправда во Европа.
Ајде се залага за социјална првда, принцип кој го има во нашиот Устав, но клептоманските банди го сведоја на на безгласна буква. Но граѓаните се уште се држат за тој принцип, основа на нашето општество и наследство на нашата национална историја и борба. Затоа граѓаните секој ден и се’ повеќе излегуваат на улиците, се спротивставуваат на таквите политики и бараат социјална правда.
– Ајде да се борима заедно и солидарно за општество на достоинствен живот и еднаквост на сите. Мораме и можеме да го одбраниме општеството од оркестрираната кражба, ајде да се бориме за иднина во која има место за секого. Политиките на оваа власт се’ повеќе маваат по грбот на сиромашните, а се’ повеќе ги привилегираат најбогатите. Ајде да прекинеме со оваа нечовечка, ненародна и неправедна политика, да го запреме заминувањето на младите, ајде да бараме продуктивни проекти а не трошење на народни пари за мртви фигури, статуи и фасади од проектот Скопје 2014. Ајде да кажеме доста е на криминалните зделки, лажни ветувања и бламажи со странските инвестиции. Ајде воспоставиме минимален достоинствен приход за секој граѓанин на оваа земја, ајде да осигураме квалитено образование, ајде да ја вратиме социјалната држава која се изгуби во лавиринтите на владините бизнис интереси. Ајде солидарно и активно да чекориме политички напред кон иднината која заенички ќе ја градиме, рече Садику.
Биљана Гинова рече дека е дојден ден за спротиставување на угнетувањето кое го пригушува крикот.
– Ајде заедно да ја направиме оваа држава безбедна за сите нас, без страв дека некој ќе нѐ нападне зашто сме жени, педери или лезбејки. Без страв дека нема да ја поминеме границата и ќе ни стават две цртки во пасошот, затоа што сме Роми. Без страв дали ќе обезбедиме гола eгзистенција за нас и нашите деца ако сме стечајци или хонорарци, побара Гинова.
Зборувајќи за меѓуетничките односи, Петрит Сарачини рече дека на власт имаме мултиетничка коалиција која ја крепи машинерија базирана на интереси, пари, непотизам, корупција, страв, насилство, сервилност, криминал, кражба на народни пари.
– Последното прибежиште на оваа машинерија лежи во псевдо-патриотизмот, во мобилизирањето на националистичките страсти. Затоа, ајде, да се сплотиме! Овој систем може да се победи само ако сме заедно, искрено и со меѓусебна почит, рече Сарачини.
Славчо Димитров говорејќи за уметноста и културата повика граѓаните да се изборат за човечкото право на култура и уметност кои потекнуваат од луѓето и не претставуваат наметнати лажни вредности. -Ајде да се избориме за можноста да изговораме повеќе вистини, да гледаме различни нешта, да чувствуваме на многу начини, да му придаваме различни значења на живот, да ја читаме историјата со различни очила. Ајде да се избориме, заеднички, за култура која ќе ѝ пркоси и ќе ја подрие оваа една и единствена вистина. Ајде да се бориме за нашиот живот и животот на нашите сограѓани, рече Димитров.
Професорката Елизабета Секирарска говореше за образованиетоа, затоа што станува збор за сериозно заболен организам.
– Почетокот на она што денеска го продуцира високото образование е дисперзијата на високото образование која придонесе да имаме маса образувани, но необразовани млади луѓе. Дисперзијата продуцираше маса млади луѓе со дипломи кои сега немаат каде. Со воведувањето на електронскиот дневник, наставникот е сведен само на оценувач. 20 години работам со деца и за жал, можам само да кажам дека она со кое сум задоена од моите родители кои се учители во пензија и од кои многу научив и се уште учам – веќе не го гледам во образованието, рече Секирарска.
Ариф Кариман зборуваше за младите и нивната беспрективност во државата и нивното заминување.
– Ајде да преземеме одговорност за политиките кои однесуваат на младите, да бараме повеќе шанси за вработување на младите, ајде да бараме алтернативни решенија за да се остане во Македонија, рече Кариман.
Граѓаните од протестот денеска, порачаа дека секогаш имало и ќе има луѓе кои гласно зборуваат и се противставуваат на неправдите и на насилството. „Придружете ни се да ја разобличиме ароганцијата на лажните патриоти. Затоа што само оние кои учествувале во освојувањето на слободата, ќе знаат и во иднина вистински да ја ценат“, повикаа од иницијативата „Ајде“.
А.Б.