Здружението на лица со ретки болести „Живот со предизвици“, Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ и хотелот „Beograd Apartments and lounge station“ од Струга, в недела во Струга организираат веслачка тура со кајаци под мотото „Весламе за ретките“, со цел поддршка на Светската заедница на лица со ретки заболувања.
Кајакарската тура започнува со впловување на излез од Струга, пред селото Враништа кај т.н „Шумски мост“, се весла покрај селата Враништа, Ложани, Дабовјани, Ташмаруништа, продолжува во близина на селото Прискупштина и на крај се стигнува до новата викенд населба Глобочица, веслајќи над истоименото потопено село.
Вo светот има 300 милиони луѓе со ретки болести, а настаните како предвидениот се насочени кон привлекување на вниманието на јавноста за потребата од навремена, точна и бесплатна дијагноза.
Организаторите најавуваат уште повеќе и поголеми настани во иднина преку кои ќе се даде поддршка на пациентите со ретки болести и порака до нивните семејства дека не се сами во нивниот живот со предизвици.