Венецијанската комисија го поздрави Предлог-законот за судски совет

Од:

Венецијанската комисија, на денешната пленарна сесија на која учествуваше и министерката за правда Рената Дескоска, го поздрави мислењето за Законот за Судски совет, со што смета оти постигнато високо ниво на усогласеност со другите закони.

– Венецијанската комисија го образложи своето мислење за предложениот Закон за Судскиот совет, што го смета за високо квалитетно законодавство, односно дека со законот е постигнато високо ниво на усогласување со други закони, соопшти Министерството за правда.

Венецијанската комисија, како што наведува Министерството, повторно имаше позитивна оценка за реформите во правосудството и усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди.

На сесијата е истакната добрата соработка на министерката Дескоска со Венецијанската комисија, како и подготвеноста на Владата на Република Северна Македонија брзо да ги имплементира препораките на Венецијанската комисија.

Венецијанската комисија со задоволство истакна дека се испочитувани значителен број препораки кои беа испратени до Министерството за правда, стои во соопштението.

– Севкупната оценка овозможува да се заклучи дека одредбите од нацрт-законот се најчесто во согласност со меѓународните стандарди и, ако се толкуваат и спроведуваат во добра верба, можат да обезбедат независност и ефикасност на судството. Комисијата имаше и пофални зборови и за јасноста на правната рамка, наведува Министерството.

Позитивно се оценети новите критериуми за избор на членови на Судскиот совет.

Покрај другите позитивни измени на Законот за Судски совет, во извештајот на Венецијанската комисија се препорачува и психолошките тестови повеќе да не се користат при изборот на членовите на Судскиот совет, со што се намалува можноста за политички влијанија при изборот на членовите на Советот.

Околу изборот за претседател на Судски совет, Венецијанската комисија препорачува тој да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.

Ова е трето последователно мислење на Венецијанската комисија кое е позитивно оценето. Мислењето од октомври 2018 година, кое се однесуваше за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судови се фокусираше на основите за дисциплинска одговорност на судиите, дисциплинските постапки и органи, како и на системот за оценка на работата на судиите. Оценката на Венецијанската комисија беше севкупно позитивна. Мислењето ги пофали нацрт-законите и беше истакнато дека двата закони претставуваат цврсти темели за функционирање на судството и предложи некои амандмани со цел да се подобри јасноста на текстовите. Во декември 2018 година, Венецијанската комисија усвои уште едно позитивно мислење за нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Предлог-законот беше поздравен од Комисијата, поради исполнетоста на повеќето претходни препораки од мислењата од 2015 и октомври 2018 година.

Министерката Дескоска изрази благодарност, но и подготвеност од страна на Владата за имплементација на сите препораки на Венецијанската комисија за подобрување на законските текстови, додава во соопштението Министерството за правда.

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

A1on

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства

Нова амнестија: На слобода сите осудени на затвор до шест месеци, ВМРО ќе го блокира Законот

A1on