Во Вашингтон денеска се одржа молитвениот појадок, голем собир на политички и духовни водачи под покровителство на американскиот претседател Барак Обама. Македонската делегација на појадокот беше предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Спасеновски и министрите Никола Тодоров и Ваљон Сарачини.
Македонските учесници на појадокот, по средбите кои ги имаа во текот на денот, истакнаа дека овие видови на собири се исклучително значајни за промовирање на Република Македонија, и македонските приоритети во светот. Вељаноски истакна дека на досегашните средби во текот на неделава, во Обединетите нации во Њујорк и на молитвениот појадок во Вашингтон, е задоволен од реакциите на македонските ставови.
– На настанот присуствуваа политички и духовни лидери од целиот свет, од сите народи и нации, каде што има сплотеност, заедништво, верба во Бога и во иднината на човештвото, и од каде се дадоа јасни и значајни пораки за тоа како светот треба да оди напред. Јас сум импресиониран од досегашните средби, со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, претседателот на Генералното собрание на ОН Вук Јеремиќ, со конгресмените во Вашингтон, кои даваат целосна поддршка за Република Македонија во сите тешки моменти, особено во значајните моменти што ги имаме во спорот со Република Грција, при што САД застануваат со принципиелна политика кон Македонија. Јас сум убеден дека поддржувачите на Република Македонија, кои се во огромен број, ќе се зголемуваат уште повеќе, и секако, средбите кои што јас и другите политичари ги правиме тука, со видни оплитичари од Конгресот, ќе дадат свои резултати, изјави Вељаноски.
И пратениците Ѓорчев ja истакнаа важноста на овој собир за Македонија.
– На молитвениот појадок имаше голем број гости од целиот свет. Овие денови навистина имавме можност на голем број конгресмени, сенатори, луѓе од американската политика, да им ја кажеме македонската приказна и македонските аргументи, а ист беше случајот и во Обединетите нации, изјави пратеникот Владимир Ѓорчев.