Вељаноски се сретна со шефот на дипломатијата на Романија, Корлацеан

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска имаше средба со министерот за надворешни работи на Република Романија, Титус Корлацеан.

На средбата претседателот Вељаноски изразил благодарност за поддршката која Република Македонија ја добива од Република Романија и го запознал соговорникот со актуелната политичка состојба во однос на евро-атлантското интегрирање на Република Македонија, изразувајќи жалење што земјата повторно не доби датум за отпочнување преговори со Европската унија.

Како што соопшти кабинетот на Вељаноски, претседателот на Собранието укажал дека и покрај недобивањето датум за отпочнување на преговорите, Република Македонија продолжува со спроведување на реформите кои првенствено ги прави заради сопствените граѓани. Вељаноски изразил уверување дека благодарение на добрата основа дадена во рамки на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ПСЈИЕ годинава во Охрид, за време на претседателството на Република Романија со ПСЈИЕ ќе се формира Парламентарното Собрание со што ќе се оствари значаен резултат во однос на регионалната соработка.

На средбата Вељаноски го запознал гостинот дека со својот колега, претседател на Претставничкиот дом на Република Романија, Згонеа на билатералната средба во рамки на конференцијата во Охрид се договориле двата парламенти да се заложат за унапредување на парламентарната соработка на ниво на групите за соработка, на ниво на комисиите и на ниво на претседатели на двата парламенти.

Министерот Корлацеан изразил задоволство што може да пренесе дека во последниот парламентарен состав на Република Романија е формирана група за соработка со Собранието на Република Македонија, како и дека на двете страни постои подготвеност за унапредување на политичките и економските односи, како и на односите во други области. Тој ја потврдил заложбата на Република Романија за поддршка на Република Македонија на патот на интегрирањето во ЕУ и НАТО и посочил дека Романија, заедно со Турција и Полска започнале процес за уште поголема поддршка за Република Македонија во однос на евро-атлантското интегрирање.

Шефот на дипломатијата на Романија меѓу другото потенцирал дека во Букурешт се уште се чувствува жалење што Република Македонија во 2008 година не стана членка на НАТО и оти Романија е подготвена да помогне и во однос на преговорите кои се водат под покровителство на ОН.

Во врска со прашањето за малцинствата, двајцата соговорници констатирале дека односот на двете држави кон нив е на високо ниво и оти се залагаат за дополнително подобрување на положбата на Македонците во Република Романија и на Власите во Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Предлог-измените на Законот за локална самоуправа во прво читање поминаа на пленарна седница

Синдикалците пред Собранието на Македонија побараа минималната плата да биде 500 евра

Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерот Тошковски

Горан Наумовски

Во Собранието пратенички прашања

Собранието ќе добие ново лого

Опозициските пратеници ќе им поставуваат прашања на премиерот и на министрите