Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, во рамки на официјалната посета на Индија денеска се сретна со својот домаќин, претседателката на Долниот дом на Индискиот парламент, Мира Кумар.
Како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, средбата, која помина во срдечна и пријателска атмосфера, започна со заедничко потенцирање на огромното, речиси историско значење на посетата на македонската делегација на Индија.
Претседателката Кумар истакна дека двете држави ги врзуваат повеќе работи демократијата, владеење на правото и човековите права, за кои Индија посветува големо внимание од нејзината независност. Во однос на меѓународните прашања претседателката Кумар потенцираше дека Индија остро се спротивставува на државно спонзорираниот тероризам.
Во однос на економската соработка Кумар истакна дека трговската размена меѓу двете држави не е на задоволителното ниво, дека има огромен потенцијал за соработка и дека е потребно нејзино зголемување. Таа ги поздрави економските реформи во Република Македонија и изрази надеж дека во блиска иднина ќе стане полноправна членка на Европската унија, каде што и географски припаѓа. Претседателката на Долниот дом Кумар се заложи за продлабочување на економската соработка и поттикнување на инвестициите, како и за понатамошна соработка во областа на здравството, културата, образованието, истакнувајќи дека индиската влада има обезбедено десетина стипенции за студирање на нашите студенти во Индија во областа на ИТ секторот.
Во своето обраќање претседателот Вељаноски го истакна задоволството од средбата и од гостопримството на индискиот народ, од можноста за остварување средба на највисоко парламентарно ниво и за развој на билатералните односи на највисоко ниво. Тој истакна дека средбата е можност за продлабочување на парламентарната соработка на двете држави искажувајќи интерес за нејзино зајакнување преку директни релации меѓу двата парламента и дека парламентарната дипломатија има се поголемо значење во современиот свет. Во оваа насока Вељаноски потенцираше дека веднаш по враќањето од Индија ќе се заложи за формирање на парламентарна група за пријателство и соработка со Индија.
На средбата, претседателот Вељаноски го истакна интересот и заложбите на Република Македонија за зголемување на индиските инвестиции, притоа потенцирајќи ги поволностите за нивно привлекување. Тој потенцираше дека членството на Република Македонија во Европската Унија, како наша стратешка определба, отвора можност да бидеме своевиден економски мост со европските земји.
Претседателот Вељаноски истакна благодарност за принципиелната употреба на уставото име од страна на Индија, искажувајќи надеж дека наскоро ќе дојде и до официјално признавање на Република Македонија под уставното име.
Во однос на меѓународните прашања Вељаноски истакна дека Република Македонија е активен чинител во меѓународната коалиција против тероризмот, при што целосно ги поддржа осудите на соговорникот во однос на државно спонзорираниот тероризам и сите меѓународни резолуции против тероризмот во оваа смисла. Во однос на меѓусебната поддршка и соработка во меѓународни рамки, Вељаноски ја пренесе поддршката на нашата држава на кандидатурата на Индија за постојан член на Советот на безбедност на ОН. Од негова страна беше искажано убедувањето дека доколку Индија продолжи со ваков интензитет на економски развој ќе се вброи меѓу економски намоќните држави во светот.
На крајот од средбата претседателот Вељаноски на својата домаќинка и врачи писмена покани за возвратна посета на Република Македонија.
Од двете страни на средбата беше истакнато значењето на големото мисионерско дело на Мајка Тереза како сврзивно ткиво на поврзување на двете пријателски држави како во културна, така и во секоја друга смисла на поврзување.
За време на учеството на седниците на Горниот и Долниот дом на индискиот парламент, претседателот Вељаноски и македонската делегација беа сместени во специјалната ложа лоцирана веднаш до местото на седење на спикерот. Согласно протоколот за највисоките државни гости, официјално беа најавени и поздравени од спикерот Кумар, и на традиционален начин поздравени од целиот парламент со неколкукратно тропање на рацете на пратениците по пратеничките клупи.
Во рамките на посетата на Индија и индискиот параламент, претседателот Вељаноски даде интервју за индискиот парламентарен канал, кој има огромна гледаност, од околу 600 милиони индиски граѓани.
Индиските новинари се интересираа за повеќе прашања, како историски, така и актуелни, поврзани како со нашето подалечно минато, развојот на државата од осамостојувањето наваму, наментнатиот спор од страна на Грција во однос на прашањето за името, односите со соседите, така и за економската и културната соработка меѓу двете земји, и за интересот на индиските компании за инвестиции во Република Македонија.
Македонската делегација денеска оствари средба со претседателот и членовите на Комисијата за надворешни работи. На средбата, како што се наведува во соопштението, стана збор за повеќе прашања, а особено за унапредувањето на меѓународната соработка меѓу двете пријателски земји, како и за механизмите за поттикнување на активна парламентарната и економска соработка.
Претходниот ден, претседателот на Собранието Вељаноски оствари средба со потпретседателот на Индија, Мохамад Хамид Ансари, кој воедно е и претседател на Горниот дом на индискиот Парламент (Раџа Саба). На средбата со свои прашања, коментари и препораки учествуваа и 12 сенатори на Горниот Дом на Индискиот паралмент.
Делегацијата предводена од претседателот Вељаноски, исто така, оствари средба и со државаниот министер за надворешни работи, Принит Кор, која изрази особено задоволство што во Индија доаѓа делегација на највисоко државно ниво после нејзината неодамнешна посета на Република Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, на двете средби стана збор за меѓусебната сорабока и поддршка на меѓународно ниво, особено во Обединетите нации, за развојот на економската соработка, за инвестициите кои можат да се очекуваат во наредниот период, како и за застапеноста на жените во политиката.
Од своја страна на средбите претседателот Вељаноски се осврна на текот на евроинтегративните процеси низ кои минува Република Македонија, за се поголемото значење на парламентарната дипломатија во градењето на меѓународните односи, како и значењето на билатералната економска соработка меѓу двете држави со оглед на динамиката на индискиот економски растеж и големината и значењето на Индија и во светски рамки и како стратешки партнер и на ЕУ.
Делегација предводена од претседателот Вељаноски положи венец во меморијалниот центар на Махатма Ганди.