Вељаноски: Очекувам позитивна оценка и препорака за преговори за членство во ЕУ

Од:

Идната недела го очекуваме Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година. Согласно направеното и постигнатото, и оваа година верувам во позитивна оценка и препорака за почнување преговори за членство во Унијата.

Тоа го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во обраќањето на шестата конференција на претседатели на Парламенти од земјите на Западен Балкан „ЕУ интеграција: резултати и аспирации“, што се одржува денеска во Будимпешта.

Без оглед на исходот од одлуката на Советот во декември, наведе Вељаноски, Република Македонија ќе остане принципиелна во своите определби, ќе остане посветена и одговорна членка на меѓународната заедница која дава особен придонес во регионалната соработка и добрососедските односи, преку почитување и разбирање, доверба и конструктивен дијалог.

Според Вељаноски, Македонија силно верува во капацитетите на земјите од регионот во остварување на претпоставките за интензивирање на динамиката во однос на проширување на Унијата со цел стабилност и просперитет на целиот регион.

Претседателот на македонското Собрание во обраќањето посочи дека Македонија, како и државите од нејзиното непосредно соседство високо на агендата на стратешки определби го имаат евроинтеграцискиот процес и тоа од моментот на осамостојувањето во 1991 година.

Сите овие години, нагласи Вељаноски, Република Македонија останува силно посветена на постигнувањето на европските стандарди и подигањето на конкурентската моќ на нашата држава, но и покрај потврдите за сработеното и постигнатото, веќе 8 години е кандидат, 4 години добива позитивен Извештај за напредок од Европската комисија и препорака за отпочнување на преговорите за членство, но не и датум за почеток на преговорите.

– Заради условувањето на нашиот јужен сосед, Грција, во Советот на Унијата не може да се постигне консензус за усвојување на одлука за почеток на преговори со Република Македонија. Со наметнатиот спор за името од страна на нашиот јужен сосед се попречува отпочнувањето на преговорите со Унијата. Билатералниот спор, којшто нема никаква поткрепа, ниту оправданост во меѓународното право ултимативно стои пред напредокот на земјата и пред исчекорувањето во евро-атлантскиот интегративен процес, рече Вељаноски.

Тој порача дека и покрај сите потешкотии и апсурди што се испречуваат на патот на интеграцијата на Македонија,  остануваме силно посветени на заложбите и определбите и оти непоколебливо настојуваме да се изнајде решение за наметнатиот спор.

– Активно и конструктивно учествуваме во преговорите со посредништво на Обединетите нации, но и настојуваме да седнеме на заедничка маса со јужниот сосед за да дојдеме до заемно прифатливо решение. Потребно е максимално рационално да се постапува, за проблемите и спорните прашања да се изнаоѓаат решенија, потешкотиите да се надминуваат, но никако да се тапка во место, да се бега од дијалог, оцени Вељаноски.

Според него, многу тешко и напорно е во такви услови и околности да се одржи поддршката на јавноста за членство во Унијата, да се одржи висок процент на проддршка од граѓаните за опстојување на евроинтегративниот пат. Но, посочи, без оглед на околностите, Република Македонија испорачува конкретни и видливи резулати во клучни реформски области кои ќе го подобрат секојдневието на граѓаните.

Претседателот на Собранието подвлече дека Македонија останува посветена на остварување многу темелни реформи и оти во многу области има постигнато значајни резултати и направено значителен исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди со подготвеност искуствата да ги сподели со државите во регионот.

– Република Македонија посветува особено внимание на односите и соработката со земјите од соседството, и токму тие остануваат да бидат еден од основните столбови на нејзината надворешна политика. Одржувањето на добро изградените релации, континуитетот со кој се пристапува кон се поголемо интензивирање на соработката во областите кои се од заемен интерес се показател за добронамерноста и пријателскиот однос на Република Македонија кон соседите, рече Вељаноски.

Веруваме, укажа, дека  независно дали станува збор за економска криза, енергетска стабилност, безбедност и стабилност или било кое друго значајно прашање, взаемното разбирање и конструктивност, заеднички приод кон решавање на проблемите е вистинската опција кон успешното креирање на амбиент на стабилни држави, на стабилен регион.

– Заедничките иницијативи, размената на искуства, интересот и поддршката за она што заеднички го правиме и постигнуваме за мирот, безбедноста, стабилноста, солидарноста и добососедската соработка е препознато и во европски рамки. Потребно е да останеме со тој фокус и ангажираност како би придонеле проширувањето на Унијата да остане актуелна точка на европската агенда, порача претседателот на македонскиот Парламент.

Во ЕУ, оцени, постои релативен политички консензус оти Европа има одговорност кон регионот и интеграцијата во Унијата, но, како што нагласи „објективна е потребата од залагање и одговорност од секоја држава поединечно, достигнување на европските стандардите и вредностите како гарант за зрелоста да се биде дел од европското семејство“.

– Значајно е заедничкото демонстрирање на подготвеност и свесност цивилизациските придобивки да ги споделиме, предрасудите, споровите и недоразбирањата на ги надминеме. Ова е задача од особено значење за балканските држави, задача која обезбедува стабилна основа за градење на врски меѓу различни култури, нации и религии, рече Вељаноски во обраќањето на конференција на претседатели на парламенти од земјите на Западен Балкан.

Би можело да ве интересира

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд

Здравковски: Охрабрувачки е фокусот на Владата кон младите

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот без присуство на мнозинството донесе одлука за одржување Надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратениците ја изгласаа Фискална стратегија на Република Македонија за 2026 – 2030 година

Горан Наумовски

Змија предизвика хаос во Собранието на БиХ: Поради „небезбедни услови“, седницата беше откажана, наредена е истрага