Република Македонија е силно заинтересирана и понатаму да се продолжи со давањето свежи политички импулси на дијалогот и заедно со колегите европарламентарци и пратениците во македонското Собрание, конструктивно да се придонесува во процесот на евроинтеграција.
Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на попладневната средба со потпретседателот на Европскиот парламент, Ласло Сурјан, на 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ во Охрид.
Тој нагласи дека високо е ценет ангажманот на известителот за Република Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит, кој помага во севкупниот процес на европските аспирации на нашата држава.
Претседателот на македонскиот Парламент денеска оствари билатерална средба и со претседателот на Претставничкиот дом на Романија, Валериу Стефан Згонеа.
Двајцата соговорници разговарале за завршните документи кои треба да произлезат од 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, при што Згонеа ги истакнал позитивни впечатоци од текот на Конференцијата.
Тој напоменал дека следната Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ ќе се одржи во Романија и дека позитивен напредок ќе има во континуитет.
На средбата Вељаноски и Згонеа истакнале дека Македонија и Романија имаат конструктивен и отворен политички дијалог, заснован врз партнерски однос и заемно почитување.
Во последните неколку години не се остварени средби на ниво на претседатели на парламенти или парламентарни групи за соработка меѓу двете земји, за што и двајцата претседатели се заложиле за скорешна посети и средби меѓу парламентарните групи на Претставничкиот дом на Романија Романија и Собранието на Република Македонија.
На средбата станало збор и за малцинствата на Македонците во Романија и Власите во Република Македонија, за што и двајцата соговорници изразиле задоволство од третманот на истите.
На 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, претседателот Вељаноски оствари средба и со претседателот на Српскиот парламент, Небојша Стефановиќ.
Вељаноски и Стефановиќ на средбата ја потврдиле досегашната успешната соработка на највисоко ниво на официјални делегации, како и посетите на пратенички групи и комисии, кои придонесуваат во размена на искуствата за евроинтегративните процеси и понатамошните перспективи на регионот.
Претседателот на Српскиот парламент истакнал дека Србија и Македонија се подготвени за почеток на преговорите за влез во ЕУ, додавајќи дека уште повеќе треба да се интензивира економската соработка меѓу двете земји.