Вељаноски: Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ

Од:

Процесот на нашето евроинтегрирање мора да се придвижи напред, да се направи неопходниот исчекор и конечно да почнат преговорите за членство, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во денешното обраќање на Конференцијата  на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија што се одржува во Никозија, Кипар.

Вељаноски предупреди дека постојаното одложување на почетокот на преговорите со ЕУ може да ја намали огромната поддршка на македонските граѓани за евроинтеграцискиот процес, додека дополнителните отповарувања и неизбалансираните притисоци може само да го намалат ентузијазмот и подготвеноста за реформи.

Сработеното на евроинтеграцискиот пат, нагласи, треба да се почитува и валоризира. Особено треба да се почитува Парламентот и да се вреднува сето она што досега го има дадено како свој придонес.

– Во Република Македонија, граѓаните континуирано даваат огромна поддршка кон нашето интегрирање во ЕУ. Тоа го покажуваат сите истражувања на јавното мислење од осамостојувањето на државата до денес. Сепак, постојаното одложување на почетокот на преговорите може да ја ослабне поддршката, посочи претседателот на Собранието.

Тој ги истакна потребата и значењето од транспарентно и отворено работење на парламентите во практикувањето на демократијата. Македонското Собрание, рече, во оваа насока, целосно ги задоволува критериумите.

Според Вељаноски, во транзициските и постранзициските општества како што е македонското, на парламентите им е потребна поголема поддршка од јавноста и медиумите, како и поголем респект од страна на другите политички субјекти за да ја достигнат својата клучна улога во демократскиот живот.

– Кога, пак, државата е во процес на пошироко интегрирање, поддршката на парламентите треба да е недвосмислена и однадвор од меѓународните субјекти, рече Вељаноски.

Во обраќањето на сесијата „Приближување на граѓаните кон ЕУ“ се осврна и на Отворениот парламент што се организира од 2005 година, како и на повеќето проекти чија цел е, подвлече, максимално јавно, транспарентно работење на Законодавниот дом.

Граѓаните, додаде, имаат широк увид и во работењето и активностите на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија и Европска унија, парламентарно тело надлежно за директна комуникација со Европскиот парламент, основано согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со Европската унија.

Во приближувањето на граѓаните кон ЕУ, значајна улога имаат и директните контакти со пратениците кои се реализираат преку електронската пошта, како и во канцелариите за контакти во изборните едници од каде се избрани.

Вељаноски денеска имаше и кратки билатерални средби со неколку од своите колеги, претседатели на парламенти на државите членки на Европската унија.

На дводневната Конференција во Никозија, Република Кипар, учествуваат 42 претседатели и потпретседатели на парламенти, како и претседателот и потпретседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и Мигуел Ангел Мартинез.

Би можело да ве интересира

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште

Во Собранието пратенички прашања – први на новиот парламентарен состав

Катерина Ѓуровски

Катерина Димитровска e новата пратеничка во Собранието