Либералната партија не се согласува со висината на максималната казна од 27.000 евра за новинарите и медиумите за клевета и навреда и бара таа да се скрати за една нула и да не е повисока од 2.700 евра. Претседателот на Либерланата партија кој прв се залагаше за законска декриминализација на клеветата и навредата посочи дека не е можно во сите земји висината на казната да биде до 5.000 евра, а во Македонија 27.000 евра.
„Ако во Босна и Херцеговина највисоко досудено отштетно побарување е до 5.000 евра, ако во Франција тоа практично е само 1 евро, а во Италија од 51. до 2.852 евра, во Македонија тоа не може да биде 27.000 евра. Најголемиот број медиуми во земјава што еднаш или два пати ќе бидат казнети со 27.000 евра – нема да имаат време за трета казна, зашто нема да постојат“, рече Ивон Величковски, претседател на ЛП.
Тој посочува дека доколку пред декриминализацијата на клеветата и навредата, автоцензурата беше закана за слободата на домашното новинарство и медиумите, сега заканата доаѓа од каскадната цензура: до 7,5 отсто автоцензура на новинарот, до 37 отсто цензура од уредникот и 44,5 отсто цензура на сопственикот.
Либералите се со став дека овој закон само ќе го ограничи истражувачкото новинарство како мерка на претпазливост на сопствениците на медиумите, а медиумите дополнително ќе ја изгубат улогата на општествена совест.
„Предвидената одговорност на провајдерот на интернет услуга е непримерна. Зошто интернет провајдер би бил одговорен за содржина на веб-портал и треба да ја докажува својата неинволвираност при евентуален спор? Дали ЈП што одржува предаватели и врски е одговорно за објавените содржини, на пример, на МРТВ“ прашува Величковски.