Екипа од службата за имунизација на претшколски и школски деца при ЈЗУ Здравен дом од Велес денеска беше на терен во населбата Рамина во Велес, каде вакцинираше претшколски и школски деца, кои главно не одат на училиште.
Доктор Пандели Божиков, специјалист за училишна медицина, изјави дека од 14 невакцинирани деца евидентирани на списокот, денеска се вакцинирани пет претшколски и три школски деца. Останатите шест кои не беа најдени, главно се иселиле со родителите во Германија.
Тој потенцира дека Велес со години и оваа година континуирано има опфат со вакцинација од 95 до 99,9 проценти.
– Констатно држиме висок процент на вакцинирани деца и млади до 18 годишна возраст, а што се должи на залагањето на целата екипа на лекари и медицински сестри од нашата служба. Воедно освен во Неделата за имунизација, ние континуирано во текот на целата година одиме на терен и ги наоѓаме тие што не се одзвале на нашите писмени покани и ги вакцинираме, рече д-р Божиков.
Информира дека за разлика од другите градови во земјава, во Велес опфатот со вакцинација против ХПВ е 96 проценти, против рубеола, заушки и мали сипаници веќе шест години е 99 проценти, а против дифтерија, тетанус и детска парализа е 98 проценти.
– Апелирам до сите млади родители да дојдат во нашата служба во ЈЗУ Здравен дом и да ги вакцинираат своите деца и така да го заштитат нивното здравје од опасните заразни болести. Да ги потсетам како што нивните родители ги носеле на вакцинација и тие тоа да го сторат со своите деца и така со заштитат нивното здравје од опасни болести, додаде д-р Божиков.