Вакцинацијата на лица повозрасни од 77 години со хронични болести во земјава се одвива втор ден. Имунизацијата почна во најголе дел од градовите, во дел од помалите места со вакцинација ќе се почне в петок. Дел од граѓаните кои спаѓаат во групата која е во првата фаза за вакцинација сепак решија да ја одбијат вакцината „Астра зенека“.
Според вчерашните податоци на Министерството за здравство вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1581, а има околу 260 празни болнички кревети во ковид центрите.
Комисијата за заразни болести, според најавата на Филипче, вчера требаше да одржи состанок, но тој нагласи дека смета оти нема да има нови мерки, бидејќи било констатирано дека никаква дополнителна рестрикција од тоа што е сега не може да даде ефект.
-Гледавме што се случува во многу други земји. И во земји во кои имаше многу поголеми рестрикции од нашата сега имаше исто така многу силен бран. Привремени од неколку дена одлуки за карантин не дадоа никаков ефект и тоа оди во прилог на тезата дека кога има широко распространета локална трансмисија единствено нешто што треба да се прави е да се почитуваат сегашните мерки, додаде Филипче.
Според вчерашниот билтен на Министерството за здравство од направени 4445 тестирања, беа регистрирани се 1511 нови случаи на Ковид-19. Регистрирани беа 587 оздравени пациенти, а бројот на починатите вчера изнесуваше 32 лица.
Во моментов се активни 19 262 случаи на заболени со Ковид-19. Од почетокот на епидемијата вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица изнесува 130.022, бројката на оздравени пациенти е 106 979, а на починати е 3781.