Европратеникот Иво Вајгл изјави дека ситуацијата во Македонија е сериозна и дека се можни и најцрните сценарија, како и дека Груевски им кажал дека ќе оди до крај, бидејќи не сака да лежи во затвор, пренесува Ал Џезеира.
„Ситуацијата во Македонија е многу сериозна, но се уште не е крајно алармантно“ изјави Вајлг, пратеник во Европскиот парламент.
„Секој ден нешто се случува. Сега во Собранието се договорија за некаква кадровска комисија. Оние кои треба да формираат влада дозволија претседателот на Комисијата да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, така што ова е знак на толеранција“ рекол Вајгл, пренесен од агенцијата Анадолија.
„Најкарактеристична е сепак изјавата која што ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе инсистира до крај, дека не му се оди во затвор. Доколку тој е мотивот на сето ова, тогаш тоа значи дека уште долго нема да има компромиси“ навел Вајгл.
Според пратеникот, тие кои што сега имаат парламентарно мнозинство, предводени од СДСМ, имаат и друга можност за формирање влада.
„Тие можат, на основа на мнозинството кое што го имаат, доколку дојде до свикување на парламентот, да изберат влада и да го заобиколат Иванов“ смета Вајгл.
„ВМРО-ДПМНЕ безкомпромисно повикува луѓе на улица и тие маршираат. Се плашам дека работите на улиците може да ескалираат, но не можеме да предвидиме како. Не сакам да зборувам за најцрни сценарија, меѓутоа, таму се можни. Секој ден има се повеќе поттикнување на омраза против Албанците. Веројатно и другата страна го прави истото. Албански јазик не знам, па не можам да ги пратам нивните медиуми“ наведува Вајгл.
„Европските институции прават се што можат. Бевме таму, беше европската комесарка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Европската унија има можност да делува на земјата кандидат каде што се случуваат работи кои што се вон степенот на можна толеранција. Постојат работи, но јас не сакам да зборувам за тоа. Нема да зборувам за санкции, нема да зборувам за казнување, нема да зборувам за крајните последиците, бидејќи работите се уште не стигнале до таму. Се уште постои можност за некаков расплет. Барем се надевам“ заклучи Вајгл.
Во интервјуто Вајгл наведува дека предложил состанок на Никола Груевски и Зоран Заев за да може двајцата во четири очи да се договорат во кој правец се движи земјата.