Узурпирани плажи во Охрид, надлежните молчат

Од:

Концесионерите на плажите во Охрид се соочуваат со нелојална конкуренција. Дел од плажите по должината на Охридското Езеро не се издадени под концесија, а сепак се узурпирани со лежалки додека на некои се служат и храна и пијалаци. Приватниците кои имаат објекти со сместувачки капацитети ги имаат узурпирано и плажите пред тие објекти, а немаат потпишано договор за нив.

Безбедноста на капачите на тие плажи исто така не е овозможена. Претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точко за А1ОН вели дека ситуацијата е иста како и претходните години.

Седум плажи на Охридското Езеро се без услови за безбедност, а се узурпирани и се користат плажите, што е чиста злоупотреба. Немаат ништо, ниту спасители ниту пак плажата е обележана. Истата состојба е и во Струга – вели Сашо Точко.

Од друга страна, оние концесионери кои имаат потпишано договор за плажите и кои редовно ја плаќаат концесијата, секојдневно се соочуваат со инспекции. Тие се револтирани од таквиот однос на државата кон нив, но се и уплашени да проговорат јавно за овие проблеми, сметајќи дека уште наредниот ден ќе се соочат со високите казни од инспекциските служби. Кај оние плажи кои не се издадени под концесија, а се користат инспекциите нема ни кај кого да вршат контрола. Единствено што можат да сторат е да ги подигнат незаконски поставените лежалки или објекти, но институциите се неми за сето ова.

Општинскиот инспекторат од Општина Охрид и Капетанијата како да сакаат да останат глуви на овие незаконски узурпации. Секојдневно во медиумите гледаме како Бакрачески и општинскиот инспекторат ќе воведувале ред и ќе отстранувале се што е нелегално поставено на општинско земјиште, но плажите и годинава никој не ги чепка. Туристите немаат безбедност, општинското земјиште е узурпирано, а поединци имаат голем профит од тоа.

Неколку најатрактивни плажи на охридското крајбрежје ги поседуваат моќници блиски до власта, а немаат склучено договор за користење. Ова е уште еден пример како во Република Македонија функционираат законите и како селективно се врши контрола врз угостителските објекти.

Филип Јовановски

Би можело да ве интересира

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност