Уважена жалбата на ОЈО Скопје за условната осуда за сообраќајката кај Млечен ресторан, осудениот доби две години затвор

Од:

Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан, која се случи во октомври 2018 година и ја преиначи условната казна со казна од две години затвор.

–Со пресудата, Апелациониот суд ја преиначи првостепено изречената условна осуда и на обвинетиот кој беше огласен за виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ му изрече ефективна казна затвор во траење од две години, како и забрана за управување со моторно возило од Б-категорија во траење од две години, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во нејзиното траење, информираат од ЈО.

Оттаму додаваат дека против првостепената пресуда во овој предмет жалба вложила и оштетената, но била отфрлена како недозволена.

–Апелациониот суд во целост ја анализираше утврдената фактичка состојба во предметот. Притоа со донесената пресуда оцени дека во конкретниот случај постои правилна примена на материјалното право, со оглед на тоа што во дејствијата на обвинетиот прецизно се опишани елементите на кривичното дело кое му се ставаше на товар со поднесеното обвинение и за кое обвинетиот беше огласен за виновен со првостепената пресуда, соопштуваат од ЈО.

Ценејќи ја, пак, одлуката за кривичната санкција, Апелациониот суд ги прифатил наводите на Основното јавно обвинителство Скопје, потврдени и со писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно кои првостепениот суд во недоволна мера ги ценел отежнувачките околности и дека целта на казнувањето во конкретниот случај не може да се оствари со изречената алтернативна мерка – условна осуда.

Од тие причини Апелациониот суд донел одлука да ја преиначи првостепената пресуда во овој предмет во делот на кривичната санкција, притоа оценувајќи дека затворска казна од две години и двегодишна забрана за управување со автомобил се адекватни на тежината на стореното кривично дело и ќе претставуваат адекватен општествен прекор за преземените противправни дејствија.​​

Би можело да ве интересира

Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник

Тешка сообраќајна несреќа кај Камењане, осум лица повредени

Тројца повредени во сообраќајка на патот село Караорман – Штип

Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на регионалниот пат село Караорман – Штип

Петмина повредени во сообраќајка на автопатот Скопје – Велес

Струмичанец e тешко повреден во несреќа кај кавадаречкото село Марена

Горан Наумовски