Уставниот суд в среда на седница ќе ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија.
Со иницијативата се бара да се разгледа уставноста и законитоста на овие два члена од Законот за амнестија врз основа на кои беа амнестирани лица инволвирани во насилството во Собранието на 27 април 2017 година.
Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале лицата со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието на 27 април.
Меѓу амнестираните беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.
Судот во Скопје изрече казна во времетраење од вкупно 211 години на 16 обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017 години за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, а останатите добија од осум до 15 години затвор. Ослободителна пресуда за „27 април“ доби оперскиот пејач Игор Дурловски.
Уставниот суд минатата недела поведе постапка за членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, со што предизвика бурни реакции во јавноста.
Државните претставници и правните експерти сметаат дека евентуалната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот може да предизвика уривање на правната држава, на принципот на владеење на правото и директен удар на демократијата.
По оваа постапка на Уставниот суд, министерката за правда Рената Дескоска го повика Собранието, а пратеничката група на СДСМ поднесе барање за автентично толкување на чл. 11 од Законот за помилување, кој се однесува на правото на претседателот на државата да дава помилувања без одобрение и мислење од посебната комисија.
Дополнувањето на членот 11, со став 11 а, го направи претходниот собраниски состав кога мнозинството во Парламентот го имаше коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на педесеттина лица во 2016 година, но по протестите и реакциите од меѓународната заедница ја повлече одлуката.
Според министерката Дескоска и правните експерти, одлуката која Иванов тогаш ја донесе не била законска, бидејќи тој член од Законот на кој поранешниот претседател се повикал веќе не постоел, со што не треба да важат помилувањата кои сега Уставниот суд преку укинување на членот би ги активирал повторно.