Уставен суд укина одредби од четири закони

Од:

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница го укина членот 176, став 4, точка 4 и став 5 од Законот за енергетика, донесен 2011 година.

Членот 176, став 4, точка 4 предвидуваше член на прекршочна комисија да биде разрешен доколку со правосилна судска пресуда биде осуден за кривично дело. Ставот 5 од овој член предвидуваше член на прекршочна комисија да има право на награда за својата работа, која ќе ја определи министерот.

Укинувањето на 176, став 4, точка 4, која се однесува на осудуваноста е затоа што граѓанин може да трпи последици од своето однесување само во рамките определени со правосилна судска одлука. Бидејќи одредбата не определува за кој вид кривично дело се предвидува разрешување од членство, тоа значи дека и осудата за дело кое нема поврзаност со статусот член на прекршочна комисија да предизвикува последица, значи излегување надвор од уставната определба за владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Укинувањето на став 5 од Законот е затоа што работата во комисијата е редовна работа на вработените во Министерството за економија за која тие добиваат плата и за истата работа не може да се предвидува и дополнителна награда.

Судот денеска укина четири члена од Законот за здравствената заштита, донесен 2012 година и дополнет истата година.

Укинат е член 167, став 2 со кој се предвидува здравствените работници да се должни да ја чуваат класифицираната информација под услови утврдени со закон или со друг пропис. Имајќи го предвид Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со кој се уредени условите за чување класифицирани информации, Уставниот суд оцени дека само со закон може да се уредува таа материја, а не и со друг пропис, поради што го укина овој член, кој предвидува освен со закон и со друг пропис да може да се уредува чување класифицирани информации.

Судот го укина член 229, став 2 од Законот кој определуваше комисија која спроведува vпостапка за јавни набавки да може одредени податоци од тендерската документација да ги определи за службена тајна. Укинувањето е затоа што само со закон, а не и со акт на комисијата може да се определува кои податоци се сметаат за службена тајна, што не е во согласност со владеењето на правото.

Судот го укина член 230, став 25 кој предвидуваше Министерството за здравство да го исклучи кандидатот кој со правосилна судска одлука ќе биде осуден за некое кривично дело. Укинувањето е затоа што само со судска одлука се определува казната за недозволено однесување на одредени субјекти.

Членот 230, став 26, алинеја 3 предвидуваше исклучување на кандидат за добивање лиценца за вршење на здравстевна дејност. Министерството значи ќе го исклучи кандидатот од таа постапка ако неисполнил обврски за плаќање даноци, придонеси и други јавни давачки. Укинувањето е затоа што за неплаќање даноци што е уставна обврска на граѓаните постои законски механизам за присилна наплата за поставување на ваков услов кандидатот да не може да добие лиценца за вршење на здравстевена дејност всушност значи ограничување на слободи и права на граѓаните.

Судот го укина и ставот 4 од член 279 од Законот за здравствена заштита со кој се предвидуваше за невистинито информирање да може на здравствената установа да и се земе дозволата за работа. Укинувањето на оваа одредба е затоа што во друг член од овој Закон невистинитото информирање е квалификувано за прекршок и за кој е предвидена парична казна.

Судот денеска ги укина членот 6, ставовите 3 и 4 и членот 7, ставовите 1,2 и 3 од Законот за адвокатските маркички, донесен 2012 година.

Членот 6, став 3 предвидуваше адвокатот да ги плаќа трошоците за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички. Членот 6, став 4 предвидуваше тој надоместок да изнесува во висина на реалните трошоци за печатење, издавање, транспортирање и чување на маркичките. Укинувањето е затоа што според Законот за адвокатските маркички тоа е јавна давачка, а трошоците за таа давачка не може да се ставаат на товар на оние кои имаат обврска да ја платат, што според Судот нема уставна основа.

Членот 7 став 1 предвидуваше адвокатската маркичка адвокатот да ја приложува кон секој поднесок. Ставот 2 од овој член предвидуваше писмениот договор меѓу адвокатот и неговиот клиент да биде приложен кон секоја исправа и поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, додека ставот 3 предвидуваше ако не е ставена адвокатската маркичка на исправа и поднесок од адвокатот до државниот орган се смета дека таа исправа или поднесок се неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот. Укинувањето е затоа што Судот оцени дека таквите одредби го повредуваат начелото на ефикасност и економичност на постапката, кое начело е дел од основното начело за судење во разумен рок, а со тоа не се обезбедува владеење на правото.

Судот на седницата го укина и членот 3, став 1, точките 1,2 и 3 во деловите „јавните претпријатија основани од Република Македонија“ од Законот за јавните службеници, донесен 2010 година и дополнуван три пати до 2012 година.

Судот интервенираше во одредба со која вработените во јавните претпријатија основани од Република Македонија се определени за јавни службеници. Имајќи предвид дека со укинатата одредба сите вработени во јавните претпријатија основани од Република Македонија се определени за јавни службеници иако постојат и ЈП основани од РМ кои вршат комунални дејности чии вработени не може да се сметаат за јавни службеници, Судот оцени дека таквата одредба создава правна несигурност и необезбедува владеење на правото поради што ја укина.

На денешната седница Судот расправаше, но не поведе постапка или пак отфрли иницијативите за уште десетина закони и подзаконски акти.

Би можело да ве интересира

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Таткото на Вања бара да биде пуштен од притвор – Фетаи е против, Апелација одлучува

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

Орце Костов

Нино Васев не смее да оди на работа во Онкологија – судот ги прифати мерките од обвинителство

Ѓорѓе Давид не ја напуштил Македонија: Утрово се јавил во кумановскиот суд поради мерката за претпазливост

Судски совет утре ќе одлучува да за враќање на Шабани во Кривичен суд до завршување на „Талир“ и „Титаник“

А1он