Уставен суд ја укина одлуката за ДУП-от во Карпош со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа

Од:

Уставен суд на денешната седница одлучи да ја укине одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05 на Општина Карпош.

Портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска, денеска на брифинг со медиумите информираше дека Судот од утврдената фактичка состојба и анализирана документација, утврдил дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от, бидејќи се предвидува изградба на бензинска станица, која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.

Поконкретно просторот каде се планира изградбата на бензинската пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура.

– Уставниот суд оцени дека со вака донесената одлука на Општина Карпош, се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, кои што се предвидени во Уставот. Но, исто така, направена е и повреда од членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП-от, изјави Беловска.

Уставниот суд за ова прашање одлучуваше по поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска на 3 април 2022 година.

Во однос на прашањето за евентуална отштета зошто не е изградена бензинската пумпа, кој гради и што гради, Беловска рече дека таквите прашања и информации не се земени предвид со оглед на тоа што надлежност на Уставниот суд е да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот и дали некој пропис, како што е одлуката за ДУП-от е во согласност со Законот и Уставот.

Би можело да ве интересира

Уставниот суд ќе одлучува за празниците во Кичево за 2025

Став од Уставниот суд во врска со најавениот протест на работниците од културата

Катерина Ѓуровски

Уставен суд поведе постапка за Колективниот договор за култура и за член од Законот за култура

Катерина Ѓуровски

Судскиот совет ја предлага Мери Дика Георгиевска за судија на Уставниот суд

ДУИ: Албанскиот јазик и правата на Албанците не се прашања што можат да се преговараат

ВРЕДИ: Овој состав на Уставен суд се однесува како југословенска политичка елита