Уставен суд ја почнува расправата за Законот за јазиците, ДУИ „стражари“

Од:

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија. По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.

ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски со порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодари.

Активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, на 8 декември се собраа пред Уставниот суд, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до денеска кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците. Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи минатата недела од Брисел најави дека судиите надвор од мнозинската заедници во Северна Македонија нема да присуствуваат на седницата на Уставниот суд на која треба да се расправа за уставноста на Законот за употреба на јазиците. Тој тогаш рече дека во земјава дел од законите се носат по принципот на двојно Бадинтерово мнозинство, а според неговата оценка, Уставниот суд неколкупати се ставил во улога да одлучува за политички прашања и има моќ да го урне Законот за употреба на јазиците.

Од Уставниот суд во пресрет на седницата изјавија дека нема да коментираат ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците и најавија дека по завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Нема да употребам вето за да навредам некој јазик

Ахмети: ДУИ е ураган, ќе биде пружен „невиден отпор“ со секој обид за промена на Законот за јазиците

Костадиновски: Подготвителната седница за Законот за јазици ќе биде одржана од 19 до 21 март

Горан Наумовски

Костадиновски – Рокас: Неопходно е да се обезбеди и почитува независноста и самостојноста на Уставниот суд

Левица: Уставен суд не отвори предмет за преименувањето на улиците по балисти

Ахмети: Најмудрата одлука ќе биде да се отфрлат иницијативите за Законот за јазиците

Горан Наумовски