Успешно заокружена втората фаза од проектот за изградба на нов клинички центар во Скопје

Од:

Втората фаза од проектот за изградба на нов клинички центар во Скопје успешно е заокружена. Според сегашната динамика, изградбата треба да почне во почетокот на 2014 година и се очекува да трае три години.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој информира дека проектантската куќа АРЕН СРЛ од Италија го изработи конечното идејно решение, по што следи фаза за изработка на основниот проект, кој треба да биде завршен за околу шест месеци, а вкупната сума за изготвување на целиот проект е 1,3 милиони евра.

– Изградбата на новиот објект се очекува веднаш по завршување на проектите, односно по добивањето на потребните дозволи и завршување на претквалификациите за фирми за градба. По Нова година се очекува да заврши комплетното проектирање, по што ќе следи период на ревизии, добивање дозвола за градба и избор на најповолен изведувач кој ќе го гради новиот клинички центар. Објектот е сместен на местото каде сега се наоѓа старата клиника за гинекологија, таа се урива комплетно, се спојува од едната страна со постојната зграда на хирургиите. Од другата страна се спојува со Клиниката за гинекологија, а од задната страна се спојува со Клиниката за онкологија, рече Тодоров.

Во овој објект, нагласи министерот, ќе бидат сместени сите клиники освен Клиниката за инфективни болести која ќе биде посебно и сместена во сопствената зграда, Клиниката за детски болести, кон која ќе се спои Клиниката за детска хирургија која од постојната зграда ќе премине таму, и Стоматологија и Максилофацијална хирургија кои ќе си останат во постојниот објект.

– Сите други клиники ќе бидат во новиот комплекс и ќе бидат сместени во еден поврзан објект. Некои од објектите нема да се уриваат и ќе продолжат да се користат за други намени. Планираме каде што сега е Радиологија да биде административна зграда. Од друг аспект зградата на Интерни клиники, која е изградена во 30-тите години на минатиот век, планираме да се урне и таму да се направи парк и шеталиште, истакна Тодоров.

Целиот проект, додаде министерот, ќе чини околу 70 милиони евра со реконструкцијата на постојната зграда за хирургија и парите ќе бидат обезбедени од Банката на Советот на Европа за што веќе е формирана проектна единица.

Како посебно значајна придобивка ја истакна енергетската ефикасност на новиот објект – ќе се користат надворешни ѕидови, високо изолирани и обложени со надворешна обвивка, со што ќе се вентилира ѕидот и ќе може да се гарантира висока удобност при користење.

– Станува збор за вентилирана фасада. Зградата ќе биде со дупла обвивка од два различни материјали, на начин на кој ќе ги карактеризира фасадите со порапави текстури и материјали (обвивка во керамика) и во спротивност со трајни и транспарентни материјали (обвивка во стакло). Овој градежен систем на слоеви го искористува ефектот на движењето создавајќи на тој начин природна вентилација и обезбедувајќи огромни придобивки во отстранување на топлината и влагата и гарантира висок животен комфор пред се во специфичниот случај на една болничка структура, рече Тодоров.

Новиот клинички комплекс, појасни тој, ќе има 30-тина болнички лифтови, два ескалатори во приемниот дел и над 10 сервисни лифтови, кои ќе служат за пренос на храна, облека и слично.

– Во однос на зелените површини – во изборот на крововите кај првиот и вториот спрат се ориентиравме кон тераса со рамен кров, корисен, со широки зони на градини и определени пешачки патеки. Намалувањето на термичките мостови овозможува намалување на цената за затоплување. Овој тип на покрив обезбедува одлична акустичка изолација. Патеките се обележани со ЛЕД-светилки, кои ќе бидат повеќе одржливи и ефикасни од енергетска гледна точка, со што ќе се гарантира заштеда еднаква на 65 отсто во однос на флуоресцентните канделабри и огромно намалување на цената за нивно одржување. Светлоста што ја рефлектираат е без инфрацрвени и ултравиолетови зраци држејќи ги на тој начин инсектите подалеку, посочи Тодоров.

Новиот клинички блок, појасни министерот, ќе биде оформен од два објекта-Главен објект и лаборатории, поврзани со топли врски.

– Во главниот објект – во подрумот ќе се развие подземна сообраќајница која ќе биде поврзана со постојната во подрумот на хирургија и ќе служи за сообраќај на возила за снабдување на клиниките и за одвоз на отпад, Клиничката аптека и Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина. На приземјето ќе се развие главниот влез со прием на амбулантни и хоспитални болни, амбулантен дел на клиниката за неврологија, комплетен дијагностички дел (клиника за радиологија) и ургентен центар, како и централниот дел за земање на примероци, кој по систем на пневматски туби ќе биде селектиран и транспортиран до соодветната лабораторија за анализа, рече Тодоров.

На првиот кат, како што посочи, се развиваат амбулантите на останатите клиники,  дневната болница, дневна хирургија, ендоскопскиот оддел и четири нови операциони сали за трансплантација и кардиохирургија, кои се во широка врска со оперативниот блок кој се наоѓа истотака на првиот спрат во објектот на хируршките клиники, и понатаму по катови се развива интензивната нега  (на втори и трети) во комбинација со хоспиталните оддели на посебните клиники, а најгоре на осмиот кат е предвиден хелиодром кој со лифт е директно поврзан со ургентниот центар и оперативниот блок.

Тој информира дека објектот на лабораториите ќе биде опремен со пневматска пошта за пренос на документи, радиографии, лекови, патолошки примероци, со цел да се намали движењето на пациентите и медицинскиот персонал низ објектите и додаде дека за таа цел во приземјето на новиот објект е предвиден оддел за земање примероци, кои понатаму по пневматскиот систем ќе се дистрибуираат до соодветното место.

– Во подрумот се сместени магацините на трансфузиологија, фрижидери за крв и депото за матични клетки. Приземјето е предвидено за прием и дистрибуција на крв и комплетно за Институтот за трансфузиона медицина. На првиот кат или приземје од задната страна заради падот на теренот ќе биде лоцирана мртовечницата со посебен влез, одделот за хемодинамски истражувања и амбулантниот дел на клиниките чии дневни пациенти имаат потреба да бидат транспортирани: хематологија, нефрологија со дијализа. На вториот кат се развиваат лабораториите на клиничка биохемија и Институтот за микробиологија и паразитологија со амбулантата за ТБЦ, а на третиот кат е сместен Институтот за патологија и хистопатологија, посочи Тодоров.

Објектот, укажа министерот, е поврзан со главниот објект со топли ходници – мостови на првиот кат, каде се и амбулантите со што се добива целина на амбулантниот простор, а останатите катови се непристапни за пациенти.

Покрај изградбата на Новиот клинички блок, планирано е и реновирање на објектот на хируршките клиники со адаптирање на хоспиталниот дел со болнички соби со сопствени санитарни јазли, адаптирање на испразнетите простори со преселувањето на ургентниот центар во новиот блок, хоспиталниот оддел на клиниките на трауматологија, ортопедија и неврохирургија во новиот објект и целата клиника за детска хирургија во објектот на детската клиника и адаптирање на ослободениот простор за потребите на кабинетски простор за лекарите и комплетно реновирање на целиот објект. Исто така, во рамки на заокружување на комплексот Клиники „Мајка Тереза“ е планирано и оформување Детски центар односно интегрирање на сите клиники во служба на децата на едно место.

Укажа дека значајно е што во новиот комплекс ќе се оневозможи движењето на возила, што ќе се постигне со изградба на две катни гаражи: едната на булеварот „Мајка Тереза“ и другата наспроти Клиниката за инфективни болести од каде посетителите и персоналот ќе можат да продолжат кон планираната дестинација исклучиво пешки, но сепак преку покриени пешачки патеки.

– Двете катни гаражи ќе имаат по 1.250 паркинг места. Во комплексот ќе можат да влегуваат исклучиво возила за Итна медицинска помош, противпожарни возила и оние приватни или такси возила кои превезуваат животно загрозени пациенти кон ургентниот центар и транспортирани пациенти кон клиниките. Останатите возила, како оние за снабдување, одвоз на отпад и слично, ќе можат да влегуваат во комплексот по исклучиво утврден протокол, рече Тодоров

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Вработувањата на 1.117 лица во здравството не се предизборни, тие веќе работат по клиниките, тврди Ковачевски

Орце Костов

Ристески: Со одбивањето на амандманот од 20 милиони денари за подобрување на условите во Клиниката за радиотерапија и онкологија, власта покажа дека е против здравјето и животите на тие пациенти