Условна казна од четири години доби струшкиот гинеколог Мухамед Асани за давање здравствени услуги во приватна ординација без дозвола за работа.
Според одлуката на Судот, Асани не треба да изврши друго дело во наредните четири години, во спротивно ќе треба да одлежи две години затвор.
– Му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши, ако осудениот во рок од четири години не стори ново кривично дело, потврдија за МИА од Основниот суд во Струга.
Асани од Државниот санитарен и здравствен инспекторат доби забрана за вршење на дејност во нерегистрирана ординација.
Против доктор Асани во тек е судска постапка за отстранување три органи по породувањето со царски рез на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар. Судењето по овој предмет треба да продолжи на 10 март за кога е закажано ново судско рочиште.
Извор: МИА