Петар Бавчанџиев
Инспириран од македонската герила која не сака повеќе да живее во Орвеловата 1984, го искористив мојот еднонеделен престој во Охрид да придонесам колку-толку преку „кафе муабет“ и „еко дружби“ во подигањето на јавната свест.
Не бев воопшто изненаден од пасивноста, разочараноста на поединците, кои мислат дека одат против ветерници или го туркаат каменот на Сизифа, а во меѓувреме боговите си ги поистоветиле со државните и локалните моќници. Што по нивна вина, што по наметната волја на моќта и апсурдот. Потоа се ангажирав односно ги направив „експлицитните“ фотографии кои ги објавив и на мојот Facebook (profil) и кои имаат за цел да ја разбрануваат и подигнат свеста кај граѓаните, а никако да ја презентираат “Темната страна на Охрид“. Тоа е мојот говор којшто е слика на мојата “Anima candida”, а во мојата душа се насобрала поголема количина на болка. И јас веќе долго време и живеам со таа болка која ете понекогаш умеам да ја насочам и креативно.
„Организираното“ делување кое посебно во Охрид веќе од поодмна го допрело дното секако беше иницијалната каписла да го напишам овој текст со кој би сакал да нагласам дека немам за цел никого ама баш никого да навредам. Значи ништо лично. Напротив, ќе го презентирам моето видување за актуелните случувања во градот, со намера да дадам безрезервна поддршка на граѓанската иницијатива СОС ОХРИД, која за среќа на овој град и езеро,се повеќе и повеќе го канализира своето делување.
Преку, ИЗМЕНАТА НА ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАНЈЕ НА НП. „ГАЛИЧИЦА (ГРАДЕЊЕ АВТОПАТ И СКИ ЦЕНТАР ВО ЗАШТИТЕНИТЕ ЗОНИ) , МОНСТРУМОТ ОД ПЛАОШНИК, ГРАДБИТЕ ВО ЗАУМ, СЕЧЕЊЕТО НА ЛИПИТЕ, БОРОВИТЕ КАКО И НАЈНОВОТО СЕЧЕЊЕ НА ДРВАТА ВО ДВОРОТ НА ЦРКВАТА СВ.СОФИЈА, ПА ПРЕКУ МАСОВНОТО ИСЕЛУВАЊЕ НА ОХРИЃАНИ….. еве ќе стигнам и до главната поентата на овој текст: СРЦЕТО НА БЛАТОТО!
Многумина слушнале, но ретко на кој му е јасно што значи БЛАТОТО за Охрид и езерото.
Значи, накратко, блатото е карактеристичен пример за еволуцијата и ги објаснува клучните појави во развојот на природата. Тоа има мала географска распространетост на која се населени ретки или загрозени видови. Деловите од блатото кои се сочувани (во изворна состојба), претставуваат сведоштво од исклучително значење за проучувањето на природните процеси. Како појава, блатото е единствено и раритентно. Има културни но и рекреативни вредности. Во научната и стручната јавност е препознаенo како објект за заштита, меѓу другото и поради фактот што ова е „квалитетен“ остаток од некогашните блатни системи, кои на територијата на Македонија се во изумирање.
СО НАМАЛУВАЊЕ И ПРЕЗЕМАЊЕ НА ПОВРШИНАТА НА БЛАТОТО ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ НЕ САМО КВАНТИТЕТОТ И КВАЛИТЕТОТ НА ПОДЗЕМНИТЕ И ПОВРШИНИСКИТЕ ВОДИ, ТУКУ И НЕГОВАТА ОСНОВНА ФУНКЦИЈА (НАЈПРИРОДЕН ПРОЧИСТУВАЧ И ФИЛТЕР НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО), ШТО Е ВОЕДНО ЗАКАНА ПО БИОЛОШКАТА РАЗНОВИДНОСТ И НА БЛАТОТО И НА ЕЗЕРОТО! И ТОА САМО ПО СЕБЕ, Е ПОВЕЌЕ ОД ДОВОЛНО ЗА РЕАКЦИЈА!
1.Имено, согласно со законските прописи и процедури за промена на ГУП, по налог на Општина Охрид изработен, Извештајот за стратегиска оцена од 2015 година, изготвен од страна на независни експерти и верифициран од страна на Министерството за животна средина. Урбаниот блок 17.1 (Студенчишко блато) предвиден со ГУП 2014-2024 (тоа значи во границите во кои е нацртан во самиот ГУП со површина од 70.53 хектари) И ТОА ПОД НИКАКВИ УСЛОВИ НИТУ СЕГА НИТУ ВО ИДНИНА НЕ СМЕЕ ДА СЕ НАМАЛУВА И НЕ СМЕЕ ДА СЕ УРБАНИЗИРА.
Ќе ги истакнам поважните точки со цел конструктивен дијалог и делување:
1. Да престанеме со обвинувањата од типот: постаро е јајцето или кокошката, или од типот: Охрид го уништуваа комунистите 50- години, го доуништуваат „патриотите“ и градските шерифи. Туку , Охрид го уништуваме сите ние со нашата заспаност, инфериорност и неделување. Да, токму ние „вљубениците на градот без кој не можеме “ и „спасителите“ на градот што не сакаме јасно и гласно да го кажеме својот став и своето мислење.
2. На оние ште обвинуваат дека сме наводно политички мотивирани ќе им го кажам следново: Доколку се продолжи со безумното делување вие, господата од суетната политичка фела, засекогаш ќе го носите епитетот’ гробари на градот’. Но што ќе добиеме ние и езерото од вашиот епитет во иднина? Кога грешката веќе ќе биде направена и враќање ќе нема. Но, да си признаеме дека и самите сносиме одговорност во целото, зошто заради нашата политичка неедуцираност ве биравме и избравме токму вас, а вие си го зедовте правото да газите. Одговорноста пред наредните генерации е заедничка!
3. Да ставиме крај на сите контраверзи од типот има блато-нема блато, или има блато ама само минимални 4-5 хектари. Наместо тоа убаво би било да издвоиме барем малку од нашето скапоцено време и да ги прочитаме истражувањата на луѓето кои животот го посветиле на оваа проблематика, а не на некои т.н. „медиуми“ – мегафони на власта за чија новинарска компетентност ми е безпредметно и да зборувам. Сериозните научници и непристрасни истражувачи располагаат со фактите, а пред фактите молчат и боговите, нели?. Па нели, бре луѓе, кога човек е болен оди на лекар, а не на механичар?
Линкови во прилог, на погоре наведеното:
http://www.ohridnews.com/vesti/82375
http://www.tvm.mk/vesti/ohrid/20351-sovet-hidrobioloski-zavod-apelira-stroga-zastita-studencisko-blato
http://ohridpress.com.mk/?p=8222
http://www.ohridnews.com/vesti/82126
http://www.ohridon.com/m-aktuelno/13176-2015-03-28-04-25-49.html
http://ohridpress.com.mk/?p=7861
4. Наместо политички мотивирани говори и ставови од некоја партиска или не дај боже криминална дружина, време е да ги прочитаме и да се запознаеме со студиите и елаборатите, препораките и насоките на институциите коишто во целост се компетентни да ни кажат што и како понатаму.
Во прилог само некои од ито како корисните линкови:
http://www.scribd.com/doc/258516081/Draft-report-on-strategic-environmental-assessment-amendments-to-the-general-urban-plan-for-Ohrid
http://www.scribd.com/doc/258498562/Study-about-the-condition-of-the-remaining-Studenchishta-Swamp
http://www.scribd.com/doc/258519708/Project-for-registration-of-the-reed-belt-on-the-Ohrid-Lake
http://www.biogeosciences.net/7/3999/2010/bg-7-3999-2010.pdf
Зошто , ќе признаеме дека сите знаеме дека да гледаш и да молчиш пред злото, те прави соучесник во истото.
Во „нормалните“ земји јавното мислење значи се, значи развој, промена, и напредок во секој смисол. Граѓанските иницијативи, слободата на говорот и демократијата се составен дел од развојот на секое опшеството. Моето делувањеда бидам јасен, не е мотивирано од политичка инволвираност, ниту пак е зготвено во некоја партиска кујна. Не чувстувам никаква обврска да се оправдувам, зошто мене никој не ме донел на некаква позиција, но чувствувам обврска пред се, да се борам и да бидам пример на моите деца, а тие пак понатаму на нивните. И вистински се надевам дека со моето постоење и делување ќе бидам нивниот образ за почит, дека сум се обидел да спречам барем малку, моите и вашите децата, понатаму да не ни растат помеѓу купишта бетони и да гледаат на пливањето во езерото како на мит и бајка, по некоји фотографии на нивните родители.
Почитуван Градоначалниче, ве молам во оваа прилика, сватете не сериозно, зошто ние знаеме што и од кого браниме, исто како што знаеме и како треба да го одбраниме. Не е комично, како што неодамна напишавте на вашиот Facebook статус, туку за жал е само трагично што воопшто се молчело до сега. Континуитет во реализирање на фамозните програми (за кои нема да Ве потсетам во оваа прилка ) ПОВИКУВАМЕ ДА НЕМА. Победа и освојувањето на власта, Ви донесе моќ, но да потсетам и на ЦЕЛОСНА ОДГОВОРНОСТ што ја имате од таа функција, сега и во иднина. Можеби овај пат треба да пробате да составите еден „НБА тим“ или координативно тело составено од градските татковци, ротаријанци, лајонси, витези, НГО сектор, медиуми, правници, вљубеници во природата и во овој град… и ВИЕ застанете прв на браникот. Јас верувам дека сеуште имате шанса за поправен.
Мојот подетален предлог до ВАС за конструктивен почеток е следниов:
1. Јако и обединето граѓанско делување. Искрено се надевам дека охриѓани ќе имаат капацитет да го создадат;
2. Заедничко делување за непристапување кон измената на урбанистичкиот план;
3. Одлучно НЕ за градби во близина на постоечката блатна територија, а особено НЕ за градби на неа самата, што преставува најсериозна закана за трофичноста на езерото, што понатаму би довело до негово забрзано стареење и губење на неговата биолошка, еколошка , естетско-пејсажна и рекреативна улога.
4. Поддршка и мотивација до независните медиуми, непристрасни научни инстииуции и целосна слобода на говорот. Нека допре разумот до секого и еднаш засекогаш да се обединиме во борбата за зачувување на Охрид.
И за крај ќе ве потсетам на мислата што можеби звучи банално и излитено но е апсолутна вистина со која ќе го завршанм овој пишан збор: “Планетата земја, Македонија, Охрид се најдрагоцените нешта што сме ги наследиле од нашите татковци и дедовци, но не за да ги уништувме, туку нив ние само сме ги позајмиле од нашите деца.И тоа на одредено време!