Управниот суд пресуди во корист на ДИК, откако заврши увидот во избирачкиот список

Од:

Управниот суд ја уважи тужбата на Државната изборна комисија и ја поништи одлуката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, но откако заврши увидот во избирачкиот список.

Со привременото решение на Дирекцијата беше забрането Државната изборна комисија да обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список објавен на веб страна, и бараше при пребарување преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина; при пребарувањето преку одредена адреса да не се прикажуват личните податоци на сите избирачи на таа адреса; при пребарувањето преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме.

Следува интегралниот текст од пресудата на Управниот суд.

П Р Е С У Д А

Тужбата на тужителот Државна изборна комисија, поднесена преку застапник по закон Државно правобранителство на Република Македонија, СЕ УВАЖУВА.

Привременото решение на Дирекцијата за заштита на лични податоци УП 1 бр.10-83 од 29.03.2016 година, СЕ ПОНИШТУВА.

О б р а з л о ж е н и е

Со оспореното Привремено решение означено во изреката на пресудата,  се забранува на Државната изборна комисија да обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список објавен на веб страната https://izbirackispisok.gov.mk/, на начин кој не е во согласност на прописите за заштита на личните податоци, се задолжува Државната изборна комисија во рок од 5 дена од приемот на оваа привремено решение да преземе технички и организациски мерки при пребарување на избирачи во Избирачкиот список објавен на веб страната https://izbirackispisok.gov.mk/ и да обезбеди при пребарување преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина; при пребарувањето преку одредена адреса да не се прикажуват личните податоци на сите избирачи на таа адреса; при пребарувањето преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме, привременото решение стапува во сила со денот на донесувањето, како и привременото решение ќе се применува до донесување на решение за главната работа по предметот Уп1 бр.10-83 од 29.03.2016 година.

Незадоволен од решението на тужениот орган, тужителот преку застапник по закон, поведе управен спор со предлог  тужбата да се важи, привременото решение да се поништи поради нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Во тужбата е наведено дека со оспореното привремено решение на тужениот орган се крши членот 48 став 1 од ИЗборниот законик, на начин што со оваа времено решение целосно се укинува апликацијата за електронски пристап до избирачкиот список и со тоа им се одзема законски загарантираното право на граѓаните да извршат увид во избирачкиот список и следствено на тоа да побарат запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список. Понатаму, во тужбата се наведува дека тужителот при обезбедувањето на електронскиот пристап до избирачкиот список, доследно го применил член 5 ставовите 1 и 4 од Законот за заштита на личните податоци. Исто така, во тужбата се наведува дека овластените лица погрешно оцениле дека  Државната изборна комисија го објавила Избирачкиот список на својата веб страна со податоци за име и презиме и адреса на избирачите на начин што не е во согласност со прописите  за заштита на личните податоци, како и погрешно е изведен заклучок, бидејќи објавувањето е со јасна законски утврдна цел односно прочистување на ИЗбирачкиот список.

Тужениот орган во својот одговор на тужба остана при своето решение и предложи тужбеното барање на тужителот да се одбие како неосновано.

Управниот суд постапувајќи по тужбата, го испита оспореното решение во границите на тужбеното барање во смисла на член 37 од Законот за управните спорови, па по оценка на тужбените наводи, одговорот на тужбата и списите на предметот, најде:

Тужбата е основана.

Од списите во предметот произлегува дека по вонреден инспекциски надзор по службена должност, инспектори на Дирекцијата за заштита на личните податоци, со увид на веб страната на Државната изборна комисија на линкот https://izbirackispisok.gov.mk/Search.aspx?type=address, утврдиле дека со внесување на одредена општина се објавуваат лични податоци за името и презимето и адреса на сите избирачи во таа општина, со пребарување преку одредена адреса на истиот линк https://izbirackispisok.gov.mk/Search.aspx?type=address, се објавуваат име и презиме и адреса на сите избирачи евидентирани на таа адреса, како и со пребарување преку одредено име и презиме на линкот https://izbirackispisok.gov.mk/Search.aspx?type=name, се објавуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме. Преставниците на Државата изборна комисија, во текот на инспекцискиот надзор информирале дека на почетокот на месец март 2016 година е објавена верзијата на Избирачкиот список на службената веб страна на комисијата и може електронски да се пристапи до личните податоци на избирачите. Врз основа на горенаведеното овластени лица на Дирекцијата за заштита на личните податоци, оцениле Државната изборна комисија го објавила Избирачкиот список на својата веб страна со податоци за име и презиме и адреса на избирачите на начин кој не е во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Имено, овластените лица оцениле дека објавувањето и електронскиот пристап до личните податоци во Избирачкиот список преку веб страната на Државната изборна комисија од страна на неодреден број лица не е правично и во согласност со закон и е извршено на начин што не е во согласнот со конкретна и јасна законска утврдена цел.

Следствено на горе наведеното, Дирекцијата за заштита на личните податоци, донела Привремено решение УП 1 бр.10-83 од 29.03.2016 година, со кое  се забранува на Државната изборна комисија да обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список објавен на веб страната https://izbirackispisok.gov.mk/, на начин кој не е во согласност на прописите за заштита на личните податоци, се задолжува Државната изборна комисија во рок од 5 дена од приемот на оваа привремено решение да преземе технички и организациски мерки при пребарување на избирачи во Избирачкиот список објавен на веб страната https://izbirackispisok.gov.mk/ и да обезбеди при пребарување преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина; при пребарувањето преку одредена адреса да не се прикажуват личните податоци на сите избирачи на таа адреса; при пребарувањето преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме.

Судот наоѓа дека тужениот орган со оспореното решение го повредил законот на штета на тужителот поради следното:

Согласно член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010) е предвидено дека заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот, во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Согласно член 2 од истиот закон, во управен спор се одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон.

Согласно член 37 став 1 од истиот закон, законитоста на оспорениот управен акт, судот ја испитува во границите на барањето од тужбата, но при тоа не е врзан со причините на тужбата.

Согласно член 3 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011), во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон. Според став 2 на истиот член, според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Согласно член 9 на цитираниот закон, во управната постапка мора да се утврди фактичката состојба на работите и за таа цел мора да се утврдат сите факти што се од важност за донесување на законито и правилно решение.

Согласно член 31 став 2 алинеја 28-в од Изборниот Законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр. 40/2006…196/2015), Државната изборна комисија обезбедува електронски пристап до Избирачкиот список согласно со прописите за заштита на лични податоци.

Согласно член 31 став 2 алинеја 28-г од истиот закон, државната изборна комисија го објавува Избирачкиот список на својата веб страница со следниве податоци име, презиме и адреса на избирачите. Секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса во Избирачкиот список од безбедносни причини.

Согласно член 1 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/05, 103/08, 124/08, 124/10, 135/11, 43/14 и 153/15), со овој закон се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци.

Согласно  член 3 од истиот закон, овој закон се применува на целосно и делумно автоматизирана обработка на личните податоци и  на друга обработка на личните податоците што се дел од постојна збирка на лични податоци или се наменети да бидат дел од збирка на лични податоци.

Согласно член 44 став 1 од истиот закон, инспекцискиот надзор на спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го врши Дирекцијата преку инспекторите за заштита на личните податоци (во натамошниот текст: инспектори).

Согласно член 44-б став 1 од истиот закон, инспекцискиот надзор може да биде редовен, вонреден или контролен. Согласно став 3 од истиот член, вонредниот инспекциски надзор се врши врз основа на иницијатива поднесена од орган на државна власт, правно или физичко лице, како и во случај на сомневање на инспекторот за повреди на одредбите на овој закон. Вонредниот инспекциски надзор се врши и во случаите по поднесено барање согласно со одредбите од членот 18 на овој закон.

Согласно член 45 став 1 од истиот закон, за извршениот инспекциски надзор инспекторот составува записник со наод на состојбата. Записникот му се доставува на контролорот, односно обработувачот во рок од 30 дена од денот на завршувањето на инспекцискиот надзор. Согласно став 2 од истиот член, контролорот, односно обработувачот во рок од три дена од денот на приемот на записникот може да достави забелешки. Согласно став 3 од истиот член од истиот закон, по истекот на рокот од ставот 2 на овој член, за отстранувањето на утврдените повреди инспекторот донесува решение, со кое особено ќе утврди комплетирање, ажурирање, исправање, откривање или обезбедување тајност на личните податоци, спроведување на дополнителни технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, забрана на натамошна обработка на личните податоци, запирање на преносот на личните податоци на други држави, – обезбедување податоци или нивниот пренос до други субјекти, – блокирање, бришење или уништување на личните податоци, демонтирање, преместување или отстранување на опрема, уреди, инсталации и системи со кои се обработуваат личните податоци, рок за донесување на прописи согласно со одредбите на овој закон или рок за отстранување на повредите.

Во конкретниот случај, Судот согласно приложените списи кон предметот и позитивната законска регулатива во дадена област, утврди дека во постапката која му претходела на донесување на оспорениот акт, тужениот орган не постапил според правилата на постапката, поради што  фактичката состојба не е во целост и правилно утврдена, што е резултат на непочитување на правилата и начелата на управната постапка.  Ова од причина што тужениот орган за извршениот вонреден инсепкциски надзор не составил записник со наод на состојбата,  кој записник бил должен да го достави на обработувачот на личните податоци, сега тужителот како што е прецизирано со член 45 став 1 од Законот за заштита на личните податоци, за да тужителот во рок од 3 дена од денот на приемот на записникот да достави забелешки на истиот и по истекот на рокот од член 45 став 2 од Законот за заштита на личните податоци,  да донесе правилна и на закон заснована одлука.

Горенаведеното,  упатува на заклучок дека оспореното решение на тужениот орган не е донесено во согласност со член 205 став 1 од ЗОУП, што укажува на тоа да при одлучувањето, односно пред донесувањето на одлуката органот е должен правилно да ги изведе сите докази и својата одлука да ја заснива на фактите утврдени во постапката кои се од значење за правилно одлучување (член  9 од ЗОУП), па дури потоа на правилно и целосно утврдена  фактичка  состојба да донесе правилна и законита одлука. Ваквите недостатоци го прават решението нејасно и неразбирливо, па поради таквите недостатоци не може да се испита.

Имајќи ја предвид ваквата правна и фактичка состојба на работите по предметот, Судот смета дека има потреба од повторно постапување и одлучување по предметот, при што тужениот орган е должен да ги отстрани сите повреди на постапката на кои укажува Судот во оваа пресуда, односно правилно да го примени член 45 од Законот за заштита на личните податоци, да ги изведе сите докази, врз основа на истите правилно да ги утврди решителните факти битни за донесување на законито решение, па врз основа на целосно и правилно утврдена фактичка состојба правилно да го примени материјалното право.

Пресудено во Управен суд на ден 05.05.2016 година,  под УРП.бр.311/2016.

Записничар – виш судски соработник
Ивана Смугреска Петрески
Претседател на совет – Судија
Димитрула Апостоловска

Пресудата да се достави на:

– тужителот, преку преку застапник по закон

Државно правобранителство на Република Македонија-Скопје
– тужениот орган

НК/
Претседател на совет – Судија
Димитрула Апостоловска

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Борис Кондарко и официјално претседател на ДИК

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Чејни: Ќе гласам за Харис, а не за републиканецот Доналд Трамп

Горан Наумовски

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем