Уписи на УКИМ – слободни 10 473 места за бруцоши на 23-те факултети

Од:

На 23-те факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре се официјалните датуми од првиот рок за пријавување кандидати за упис во прва година за претстојната академска година, иако и досега беше овозможено и е во тек електронското аплицирање преку системот за студентски сервиси iKnow https://www.iknow.ukim.edu.mk/

Според Конкурсот на УКИМ, за студиската 2023/2024 година слободни се 10 473 места, од кои 5074 за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 4439 за редовни со кофинансирање на студиите и 960 за вонредни студенти, а може да се запишат и странски студенти за кои има или утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.

Со над илјада слободни места за повеќе студиски програми и годинава се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство/ФИНКИ (1150), Природно-математичкиот факултет (1050) и Правниот факултет (1055). Филозофскиот факултет располага со 915 слободни места за бруцоши, Филолошкиот факултет – 775, Медицинскиот – 760, Економскиот факултет – 700, Машинскиот – 600, Факултетот за електротехника и информациски технологии/ФЕИТ – 570…

Во пресрет на уписите, проректорката за настава на Скопскиот универзитет, проф. д-р Христина Спасевска, за МИА изјави дека оваа година кандидатите може да избираат 195 студиски програми на прв циклус студии: интегрирани петгодишни студиски програми, четиригодишни, тригодишни и стручни студии.

-Оваа година нашиот универзитет нуди нови или повторно акредитирани студиски програми, меѓународно препознатливи и усогласени со студиските програми на европските универзитети, кои овозможуваат поголема мобилност на идните студенти и се усогласени со потребите на пазарот на труд. Поради тоа очекуваме дека бројот на кандидати ќе се зголеми и на студиските програми кои се од интерес за македонското стопанство и јавниот сектор. Следејќи го бројот на веќе пријавените кандидати, имајќи ги предвид демографските движења во државата, како и бројот на матурантите кои сакаат да студираат во странство, интересот треба да остане барем ист како и претходната академска година, посочи проф. Спасевска.

Откако ќе се пријават за упис, прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот на кандидатите од средно образование ќе биде објавена на 4 септември. На факултетите на кои покрај успехот од средно училиште има и приемен испит, проверката на знаења и умеења е на 1 септември, а прелиминарната листа со резултатите ќе биде објавена на 6 септември. Конечната ранг-листа на примени на сите факултети ќе биде објавена на 11-ти, а на 12 и 13 септември е запишувањето на кандидатите кои од 1 октомври ќе бидат студенти на УКИМ.

Вториот рок за уписи на Скопскиот универзитет е на 18 и 19 септември, а третиот, каде што ќе останат слободни места, ќе биде на 28 септември 2023.

Би можело да ве интересира

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова