Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола го објави конкурсот за упис на студенти бруцоши во вториот уписен рок, што ќе се одржи утре и задутре во сите универзитетски единици.
Според дополнителниот конкурс, во прв циклус студии има место за 2.566 студенти, од нив 1.221 за редовно студирање во државна квота, 927 за редовно студирање со кофинансирање и 418 слободни места за вонредни студенти.
Најмногу слободни места има на Економскиот факултет-Прилеп со дисперзирани студии во Струга и Кичево, каде може да се запишат 618 студенти во различни студиски програми и категории за студирање, а слична е понудата и од Техничкиот факултет-Битола кој со своите дисперзирани студии во Велес и Прилеп може да запиши 594 студенти во различни студиски програми и категории за студирање.
Од Ректоратот на Битолскиот универзитет информираат дека огласени се 284 слободни места за Факултетот за туризам и угостителство-Охрид со своите дисперзирани студии во Велес, Битола, Крушево и Гевгелија, на Педагошкиот факултет-Битола со дисперзирани студии во Дебар слободни се 195 места, додека на Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи може да се запишат 147 студенти бруцоши.
За новата академска година слободни места има и на Факултетот за биотехнички науки каде може да се запишат уште 120 студенти-бруцоши, на Високата медицинска школа слободни се уште 137 индекси, на Факултетот за безбедност-Скопје има место за 53 кандидати но 49 од нив се за вонредно студирање, потоа на Правен факултет-Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга може да се запишат 234 студенти, додека на Технолошко-технички факултет во Велес со дисперзирани студии во Кичево и Битола огласени се 158 слободни места.
Најмалку слободни места за упис во прва година има на Ветеринарен факултет-Битола каде на студиската програма „ветеринарна медицина“ може да се запишат уште 26 студенти, информираат од Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола каде паралелно ќе се врши и вториот уписен рок за 80 кандидати за вонредно студирање на Технички факултет и Висока медицинска школа, а во рамки на владиниот проект за формално образование на лица на возраст над 35/45 години.