Унијата на Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ минатата недела оствари средба со архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан, каде архиепископот дал целосна поддршка на овие професии. Унијата на ЗМСТАС пак изрази благодарност што медицинските сестри ќе бидат спомнувани во неговите молитви.
– Поминуваме низ многу тежок период кој долго трае и ќе трае. Ние самите најдобро знаеме низ што поминуваме и како се чувствуваме со оваа состојба на работните места, а посебно во ковид центрите. Се ќе помине, и тешкото и маките, но ѕвездите ќе останат. Затоа ајде заеднички да ја подигнеме свеста и да се грижиме едни за други. Да се стремиме кон доброто, да се свртиме кон надежта и да се сплотиме во мир во ова тешко време, се наведува во соопштението на Унијата на ЗМСТАС.
Во оваа хумана професија, како што посочува Унијата, храброста и емотивноста се носечките столбови и токму тие ги раѓаат чувствата за единственост и сплотеност.
– Ајде сите заедно да испратиме порака за да се чуе гласот на медицинските сестри. За нашите потреби, за незадоволствата, за нанесените неправди и за се она што не држи на дното, велат од Унијата.
Како што се наведува во соопштението, и бискупот Стојанов исто така изразил благодарност за неизмерната жртва и натчовечки напори што медицинскиот персонал го вложува во оваа ситуација на Ковид 19.
– Бискупот Стојанов истакна дека од самиот почеток секојдневно во сите Католички цркви се моли за медицинскиот персонал и за оние кои се заразени од оваа немилосрдна и непредвидлива болест која коси човечки животи кај нас и во светот. Ние сме сите исти. Облечени во иста униформа, иста ни е улогата на професијата и хуманото срце бие во сите нас. Ајде да си упатиме љубов едни кон други на работните места, да бидеме посилни и да се чуваме. Да упатиме молитви едни за други, соопшти Унија на ЗМСТАС.
Оттаму појаснуваат и дека залагањата за својата професија и пожртвуваноста која ја даваат медицинските сестри наиде на голема поддршка и од поглаварот на Исламската верска заедница. Тој искажал голема духовна поддршка и желба за помош во кампањата на ЗМСТАС за помош на медицинските сестри кои се борат против пандемијата.