УНИЦЕФ и Државниот завод за статистика денеска потпишаа Договор за учество во една од најголемите меѓународни програми за истражување на домаќинствата – шеста серија на Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС).
Според УНИЦЕФ, ова е третпат земјата да учествува во истражувањето за собирање на потребните податоци околу состојбата на децата и жените.
– Ригорозната и нашироко користена методологија на истражувањето им овозможува на земјите да соберат сеопфатни и споредливи податоци. Нашето учество во уште една рунда обезбедува солидна основа за следење на напредокот и идентификување на трендовите – како позитивни, така и негативни, рече в.д. директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Осмислена за пополнување на празнините во податоците, шестата рунда на МИКС мина низ ригорозни методолошки проверки и потврди заради проширување на опфатот и вклучување на нови теми кои ќе ги одразат индикаторите од глобалните цели за одржлив развој (ЦОР) и новонастанатите прашања.
– Новата серија на МИКС е единствена можност за собирање обемни и расчленети податоци заради следење на напредокот на децата во сферата на здравјето и исхраната, детската заштита и образованието. Со новите подобрувања, истражувањето ветува дека ќе обезбеди вреден увид во нови подрачја како социјални трансфери, основни вештини на учење (кај децата на возраст од 7 до 14 години), функционирање на децата и возрасните, мигрантски статус, употреба на чисти горива и технологија, и виктимизација, рече претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.
Со Договорот потпишан од партнерите се предвидува Државниот завод за статистика да го спроведе истражувањето со помош на глобалната методологија и алатки, со техничка поддршка и финансиска помош од УНИЦЕФ и партнерите. Се очекува податоците да се собираат во есента 2018 година, во околу 6000 домаќинства низ земјата.
Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) е меѓународна истражувачка програма развиена од УНИЦЕФ во соработка со другите агенции на ОН, а се спроведува на секои пет години низ целиот свет за да се обезбеди меѓународна споредливост и континуитет на истражувањето, како и податоци во временски серии. Од почетокот на МИКС во 1990 година, спроведени се над 300 истражувања во повеќе од 100 земји. Како дел од глобалните напори за натамошно развивање на националните капацитети за генерирање и анализа на високо квалитетни и расчленети податоци, во октомври 2016 година, УНИЦЕФ ја започна шестата рунда на МИКС – специјално осмислена за исполнување на потребите на креаторите на политики во ерата на Целите за одржлив развој (ЦОР).
Земјата учествуваше во третата и четвртата рунда на МИКС, во 2006 и 2011 година. Податоците од овие истражувања придонесоа кон изработка на национални политики, планови и програми и кон следење на напредокот на децата и жените.